Линкови за пристапност

Еко-активисти: Со толку мала популација и територија, срамно е да сме светски лидери во загадувањето


Скопје, Тетово, Битола, Струмица, со години се на врвот на листата на најзагадени градови во Европа и светот
Скопје, Тетово, Битола, Струмица, со години се на врвот на листата на најзагадени градови во Европа и светот

Дополнителен аларм е што државата со години одвојува многу малку средства од државниот буџет за санирање на овој сериозен еколошки проблем. За 2023-та година беа одвоени 0.6 отсто за заштита на животната средина, вели Ели Пешева од Иницијативата О2

„Град како Пекинг, кој што има десетици милиони жители, проблемот на загадувањето го реши во период на 10 години, а ние 10 години имаме од лоши, полоши резултати и надлежни институции кои сè уште не ги фаќа паника од оваа состојба. Со толку мала популација и толку мала територија, срамно е да сме лидери во загадувањето“, вели Ели Пешева од „O2 Иницијатива“.

Скопје, Тетово, Битола, Струмица, со години се на врвот на листата на најзагадени градови во Европа и светот. Ваквата слика се повторува секоја зима, со почетокот на грејната сезона.

Овој месец го очекуваме усвојувањето на новиот буџет за 2024-та година и според некои од најавите кои што ги имаме, можеме да кажеме дека ќе ја имаме историски најмалата ставка во сегментот на заштита на животната средина
Ели Пешева, Иницијатива О2

Пешева вели дека дополнителен аларм е што државата со години одвојува многу малку средства од државниот буџет за санирање на овој сериозен еколошки проблем.

„Овој месец го очекуваме усвојувањето на новиот буџет за 2024-та година и според некои од најавите кои што ги имаме, можеме да кажеме дека ќе ја имаме историски најмалата ставка во сегментот на заштита на животната средина. Мислевме дека после минатогодишните 0,6 отсто тоа е невозможно, но уште еднаш и оваа година законодавците не демантираат и потврдуваат дека грижата за животната средина е на дното на листа на приоритети во нашата држава“, вели Пешева.

Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија „Флорозон“, вели дека е неопходна повисока политичка волја од страна на носителите на одлуки, проследена со соодветни финансиски ресурси за да може граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од таквата програма.

„Она што досега е направено е субвенционирањето во набавката на грејните тела во индивидуалните станбени домови, што секако не е доволно, но дава некој минимален резултат, но би требало во наредниот период да се размислува и за поинакви начини на субвенционирање, не само на грејните тела, туку и друг вид на услуги, на пример поврзување на системите за централно греење, воведување на нови иновативни начини на загревање на домовите“, вели Ристовски.

Но, во моментот Северна Македонија е лоша комбинација на домаќинства кои се загреваат со загадувачки енергенси, индустрија, сообраќај, стари возила кои се во оптек, интензивни градежни активности и диви депонии велат граѓанските активисти.

Енергетската сиромаштија овозможува користење недозволени горива во рамки на домовите
Кирил Ристовски, Центар „Флорозон“

„Поголем е процентот на граѓани кои се греат на различен квалитет на дрво и на се останато што може да биде искористено за загревање во периодот на зимските месеци. Немаме никакви назнаки за нов солиден незагадувачки јавен транспорт, немаме контрола на градежните работи и на индустријата. Од причина што немаме ни доволен број на инспектори на терен“, вели Пешева.

„Македонија важи за енергетски сиромашна земја. Енергетската сиромаштија овозможува користење недозволени горива во рамки на домовите. Отпад, имаме отпаден мебел, опасен отпад во дадени случаеви, како отпадно моторно масло, кое за жал граѓаните го користат примарно“, додава Ристовски.

Она што треба да се направи е воведување на поригорозни мерки за контрола на загревањето на домовите, меѓутоа и едукација на јавноста за негативните импликации од ваквите практики.

„И од друга страна се зависи од климатските услови. Доколку имаме ветар во текот на зимата, политичарите ќе се радуваат и ќе покажуваат добри резултати. Доколку се сменат климатските услови, ќе бараат изговори за таквите постапки“, посочува Ристовски.

Според извештајот на европската агенција за животна средина објавен пред неколку недели за земјава констатирани се 5.600 смртни случаи како директна последица на загадувањето, што е речиси удвојување во однос на претходните години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG