Линкови за пристапност

Прослава на Рамазан Бајрам во Македонија


Празникот го слави духовното и телесното прочистување, по завршувањето на светиот месец на строг пост

Муслиманите во Македонија, како и верниците, припадници на исламот во светот, денес го прославија Рамазан-Бајрам, еден од најголемите празници.

Празникот го слави духовното и телесното прочистување, по завршувањето на светиот месец на строг пост, што, според верското учење, е и месец на добрината, милоста, љубовта и простувањето. Денешниот прв ден од Рамазан Бајрам беше неработен за сите граѓани на Република Македонија, а муслиманите денот го започнаа со утринска молитва во сите џамии низ Македонија - Бајрам-намаз, по што разменуваа подароци и ги посетуваа роднините и пријателите.

По повод празникот, честитка до сите припадници на исламската вероисповед во Македонија испрати поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, реис-ул-улема, ефенди Сулејман Реџепи, а свои честитики упати и целото државно раководство, претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељановски.

Премиерот Груевски присуствувал на утринската молитва во џамијата „Амди Паша“ во ромската населба Шуто Оризари во Скопје, каде на присутните верници им го честал празникот, посакувајќи им здравје, успех и просперитет во семејствата и ги повикал на единство и меѓусебно почитување како основа за напредок и општ развој во државата.

И претседателот на опозициониот СДСМ, Зоран Заев, на сите исламски верници и на поглаварот на ИВЗ им го честиташе празникот и им посака добро здравје, духовен мир и благосостојба: „Се надевам дека ќе продожиме да ги негуваме вредностите на заеднички живот, низ меѓусебна почит и толеранција, како цивилизациски придобивки, што единствено водат кон напредок и прогрес“.

Водачот на ДУИ, Али Ахмети, на сите припадници на исламската вероисповед им посака здравје и благодет. „Месецот Рамазан и Рамазан Бајрам не` враќаат кај најдобрите човечки вредности на кои силно рефлектираме во текот на месецот на постот и празникот Бајрам. Посакувам овој празник да ве пронајде во радост покрај вашите семејства и да не обедини во мир и подадена рака за меѓусебно разбирање, солидарност и добри дела“, стои во пораката на Ахмети до верниците.

XS
SM
MD
LG