Египетските власти изразија задоволство по медиумските извештаи дека претседателот Доналд Трамп размислува транснационалното исламистичко движење „Муслиманско братство“, да го прогласи за терористичката организација, нешто на што претседателот Абдел-Фатах ел-Сиси повикува изминативе три години.
Официјални лица во Египет велат дека ова значи прв плод во подобрувањето на односите помеѓу Вашингтон и Каиро, и се надеваат дека администрацијата на Трамп ќе ги олесни условите во врска со правата, изнесени од поранешниот претседател Барак Обама, а кои се однесуваат на 1,3-те милијарди долари во американска годишна воена помош за Египет.
Либералите и исламски активисти, како и меѓународните организации, се алармирани и стравуваат дека администрацијата на Трамп во целост ќе ја замолчи загриженоста за почитување на човекови права во име на борбата против тероризмот. Египетската влада се бори со бунтовниците на Исламската Држава, а Трамп и Ел-Сиси, не гледаат разлика помеѓу исламисти и џихадисти.
Во соопштение на организацијата Хјуман рајтс воч, се вели дека „прогласувањето на околу 1.500 граѓани за терористи за нивно наводно помагање на „Муслиманското братство“, ја одразува недискриминирачката употреба на широките закони за контратероризам од страна на властите“.
Администрацијата на Трамп, ел-Сиси го гледа како бастион против џихадистите.
Воедно, се чини дека постои взаемна восхитеност помеѓу двајцата претседатели. По нивната прва средба во септември, ел-Сиси го опиша Трамп како „силен лидер“, а Трамп за ел-Сиси кажа дека е „фантастичен човек“.