Египетската полиција втор ден по ред се судри со противвладини активисти, отворајќи оган и користејќи солзавец и палки против демонстрантите кои се оглушија на владината забрана за протести.
Откако падна ноќта, илјадници продолжија со протести во различни делови на Каиро. На ТВ-снимките можеа да се видат маси демонстранти како палат гуми по улиците и фрлаат камења врз силите за безбедност.
Полицијата ги одврати масите со оклопни возила и водени топови. На видео снимките може да се види како полицајците користат палки и штитови врз демонстрантите, и како одвлекуваат некои од нив.
Владата соопшти дека најмалку 700 лица се уапсени во брановите протести низ земјата вчера и денес. Странските медуми проценуваат дека ова се најголемите противвладини протести во последните години.
Американската државна секретарка Хилари Клинтон ја повика египетската влада да покаже воздржаност. Таа побара и Египет да не ги блокира мрежите за дружење и комуницирање преку Интернет. Според Интернет-извештаи од Египет, личните адреси на Твитер и Фејсбук не работат веќе два дена.