Линкови за пристапност

Терористички напад – можна причина за падот на авионот


Ова го изјави египетскиот министер за авијација, Шериф Фати

Падот на авионот на египетската компанија „Иџипт Ер“ на релација Каиро – Париз, поверојатно е причинето од терористички напад, отколку технички проблем, изјави египетскиот министер за авијација, Шериф Фати.

Тој ова го кажа додека во Средоземното Море се одвиваше потрагата по делови на авионот, во кој имало 66 патници. Авионот Ербас А320 исчезнал од радарот, непосредно откако навлегол во египетскиот воздушен простор.

Претходно, грчките власти соопштија дека во водите на Медитеранот забележале предмети што наликувале на делови на тој авион.

„Мора да бидеме сигурни дека ги имаме сите информации за причините. Не се порекнуваат, ниту фаворизираат никакви претпоставки“, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд, потврдувајќи ја веста за уривањето на авионот. Тој истакна дека француската Влада соработува со египетските и грчките надлежни органи во истрагата.

„Иџипт Ер“ соопшти дека авионот изгубил контакт со контролата на летање во околу 2 часот и 30 минути по локално време, кога се наоѓал на 11.000 метри височина и во египетскиот воздушен простор бил навлезен само 16 километри.

Според грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, авионот нагло свртел и почнал да се спушта пред да исчезне од радарот.

Експертите предупредуваат да се внимава на секаква шпекулација, потенцирајќи дека во моментов има премалку информации за да се донесуваат какви било заклучоци.

XS
SM
MD
LG