Линкови за пристапност

Едно од три лица патува тајно додека работи од далечина, покажа студија


Армонио Лианг од Кина седи на плажа додека работи на својот компјутер во Бали, Индонезија, на 22 јуни 2023 година
Армонио Лианг од Кина седи на плажа додека работи на својот компјутер во Бали, Индонезија, на 22 јуни 2023 година

Работата од далечина овозможи зголемување на тајни „работни станици“, кога работниците работат од далечина, често од локација за одмор, без да кажат на нивниот шеф.

Пандемијата на ковид-19 помогна да се поттикне овој тренд, не само затоа што поттикна работата од далечина, туку и затоа што пандемијата им даде на луѓето време да го преиспитаат нивниот живот, според експерт за постигнување поголеми резултати при работа Руди Рикстинс.

„Почнаа да се прашуваат кои се, што сакаат, со кого излегуваат, со кого се во брак, какви работни места имаат, колку пари заработуваат“, вели Рикстинс.

„И така, луѓето почнаа навистина да го чувствуваат она што не функционираше во нивниот живот, што претходно, бескрајната амбиција некако ги тераше да го избегнуваат. И така, како што сите се вратија на работа, почнаа да велат: „Знаете, се враќам на работа, но се враќам на работа со мои услови“.

Едно истражување открива дека речиси секое трето лице вели оти работело од далечина од место за одмор без да каже на шефот.

Анкетата на 2.000 вработени Американци покажа дека 29% ги искористиле патувањата на одмор како шанса да работат од далечина и тоа го направиле без да известат никого на работа. Анкетата беше нарачана од Mews.

Рикстинс вели дека работата може да биде добра за работникот и работодавачот, бидејќи работниците можат да стагнираат кога животот е монотон.

„Продуктивноста се зголемува во просек за 70% кога луѓето се посреќни кога ја вршат својата работа. И гледаме среќни луѓе кога патуваат бидејќи тоа ги испирира “, вели тој.

„Почнувате да бидете стимулирани емоционално, ментално, физички, а потоа кога ќе се појавите на работа, вие сте значително покреативни“.

Продуктивноста се зголемува во просек за 70% кога луѓето се посреќни кога ја вршат својата работа. И гледаме среќни луѓе кога патуваат бидејќи тоа ги испирира

Некои во угостителската индустрија нудат специјални работни места за да помогнат во зајакнување на нивната работа, особено за време на побавните сезони.

Сенди Вибер е сопственика на Bayfront Marin House во Сент Огастин, Флорида. Таа изнајмува и осум викендички на плажа. Вибер работела од далечина осум години и сега нуди работни бенефиции што би ги сметала за корисни.

„Убавото осветлување, добриот работен простор и пристапот до печатач му олеснија на вработениот да работи надвор од дома“, изјави Вибер за Гласот на Америка преку имејл.

„Исто така, сакав нешто за партнерот да прави во текот на денот, поради што вклучив билети за тролејбус, како и препораки за работи што треба да ги прават сами и нешто што тие треба да прават заедно, поради што вклучив и масажа во пар“.

Вибер вели дека со години биле домаќини на работници кои работат од далечина, но оти тоа станало поприсутно по пандемијата.

„Неодамна дојде еден господин со целото негово семејство“, рече таа. „Тој остана во една од нашите големи куќички на плажата. Тој имаше некои прилично специфични барања, вклучително и да има простор за работа на тремот на вториот кат, за да може да го слуша океанот додека работи“.

Гостилницата Grey Havens со 13 соби, лоцирана покрај вода во Џорџтаун, Мејн, е заинтересирана да привлече помлади работници.

„Имаме и многу помлади патници, но не толку колку што би сакале, што беше дел од причината што некако ја започнавме оваа програма“, вели хотелиерот Али Барионуево.

„Прочитав за некои други хотели што го прават тоа, па го објавивме за да видиме дали можеме да привлечеме луѓе што [работат на далечина]“.

Gray Havens нуди специјална работна понуда која вклучува 25% попуст за седумдневен престој, како и дневен појадок, пакет за добредојде со закуски и пијалоци и попладневни маршрути.

„Значи, кога ќе завршат со работа, работиме со нив за да дознаеме што им се допаѓа, а потоа креираме маршрути кои им помагаат да отидат каде што сакаат или да видат нешто во ограничено време“.

Студија од 2023 година покажа дека 51% од работниците на генерација З [вработени до 27 години] кои работеле тајно од место за одмор, го сториле тоа откако нивното барање за одмор не било одобрено.

Но, не мора сите работи да бидат тајни. Рикстинс вели дека некои на некои од неговите клиенти им е важно само работата да биде завршена.

„Неколку од организациите со кои работам во моментов не им е грижа каде работат нивните вработени, сè додека тие ги даваат резултатите и го прават тоа во работните саати“, вели тој.

„Компаниите навистина треба да се прашуваат: „Дали моите луѓе се среќни? И ако тие имаат способност да работат насекаде, додека ја вршат својата работа, дали ќе добијам подобар производ и подобар резултат од луѓето што работат со мене? И дали ќе ги задржам подолго“?

XS
SM
MD
LG