Најмалку едно лице загина, а 16 лица се ранети во руските напади ширум Украина денес, соопштија локалните власти, додека Киев одбележува 32 години независност од Москва.
Градовите Херсон и Днипро биле погодени од напади во кои се ранети цивили, а еден земјоделец бил убиен од гранатирање во јужна Украина, соопштија властите.
Во руски ракетен напад врз автобуски терминал во Днипро беа ранети 10 лица, изјави регионалниот гувернер Серхи Лисак.
Редиците продавници во близина на станицата беа потресени од експлозијата, која уништи некои од нив, а други остави полни со скршено стакло и руинирана роба.
Една жена побрза на местото на настанот, молејќи ги властите да ѝ дозволат да ја види штетата на нејзината продавница во која се продава електроника.
„Кога конечно влеговме внатре... видовме дека сè е целосно уништено“, изјави за Ројтерс жената, која се претставила само како Тетијана.
Друг сопственик на продавница, Серхи, изрази бес кон Русија.
„Мислам дека тие се животни. Има многу луѓе овде (на автобускиот терминал), луѓето пристигнуваат и го напуштаат градот. Како можете да пукате врз цивилна цел?“, рече тој.
Повеќе од 10 други згради, вклучувајќи банка, хотел и административна зграда беа оштетени, рече Лисак.
Русија редовно изведува напади врз украинските центри далеку од линијата на фронтот, иако негира дека намерно цели цивили.
Вчера беше национален празник во чест на постсоветската независност.
Годишнината се случи точно 18 месеци откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина.