Линкови за пристапност

Стапката на невработеност во САД најниска од 2008-ма наваму


Невработеноста во ноември паднала на 7 проценти, и ако трендот продолжи владината поддршка на економијата може да почне да се намалува.

Владата во петокот кажа дека работодавците додале уште 203.000 работници на нивните платни списоци во ноември – повеќе од прогнозите на некои економисти, што е знак дека најголемата светска економија продолжува бавно да се опоравува од големата рецесија во 2008-ма.

Октомвриската стапка на невработеност беше 7,3 проценти, но владата вели дека вработувањето се подобрило минатиот месец во сообраќајот, складиштата, здравствената грижа и производството. Како дополнение неколку стотини илјади федерални работници, привремено отпуштени за време на делумного затварање на владата во октомври, се вратиле на работа.
Владата кажа дека сега има 10,9 милиони невработени работници во САД, што е исто така најниска цифра од 2008-та.

Централната банка на САД, Федералните резерви, директно ја поддржуваа економијата во земјата со купување на 85 милијарди долари обврзници секој месец, во напор да се задржи растежот на работни места.

Со ноемвриското паѓање на стапката на невработеност и натамошниот растеж на работни места банката може да почне да го намалува купувањето на обврзниците. Творците на политиката е планирано да се сретнат повторно за две недели.
XS
SM
MD
LG