Линкови за пристапност

Економијата во еврозоната и натаму ќе опаѓа


Новообјавени податоци покажуваат дека 17-члената унија на единствена валута ќе има опаѓање во економијата, а другите европски држави ќе имаат незначителен растеж.

Најновата прогноза од Брисел покажува дека Европа се` уште не е надвор од своите економски проблеми. Статистика на Европската комисија предвидува растеж за 27-члената унија од само 0,1 процент, што е под претходната прогноза од 0,4 процент.

Предвидувањата за 17-члената еврозона исто така е надолно ревидирана. Извршната гранка на ЕУ вели дека унијата на единствена валута ќе се намали за 0,3 проценти во 2013, споредено со претходната проценка за мал, 0,1 процентен пораст.

Но, на прес конференција во Брисел, шефот за економија на ЕК, Оли Рен, понуди оптимистички поглед на иднината, на долгорочна патека.

„Сегашната ситуација може да биде сумаризирана вака: имаме разочарувачки податоци од крајот на минатата година, нешто подобри од поблиското минато и растечка инвеститорска доверба во иднина“.

Рен кажа дека европските економски реформи даваат резултати.

Не е за изненадување што дел од поразочарувачките податоци дојдоа од Франција, втората по голема европска економија, која се очекува да има растеж од само 0,1 годинава, додека невработеноста се очекува да достигне 10,7 проценти.

Најголемата европска економија, Германија, се очекува да порасне 0,5 проценти годинава, а британската економија еден процент. Но економиите на Шпанија и Италија се очекува да се намалат. Невработеноста во еврозоната најверојатно ќе порасне на 12,2 проценти во 2013, пред малку да се намали следната година.
XS
SM
MD
LG