Линкови за пристапност

Економијата во САД стабилна


Во извештајот на Одделот за труд стои дека во декември биле отворени 292.000 работни места

Дополнителните 292.000 работни се знак дека најголемата светска економија расте со солидно темпо и покрај неодамнешните превирања на глобалните пазари.

Според најновиот извештајот од Одделот за труд, стапката на невработеност изнесува пет проценти, исто како и изминативе три месеци, што е најниска стапка последните седум години.

Бројот на нови работни места е далеку подобар од очекувањата на бројни економисти. Градежната индустрија, здравството, и рестораните вработуваа десетици илјади лица, додека во рударството, вклучувајќи ја и нафтената индустрија, поради ниската цена на нафтата, бројот на работни места се намалува.

Иако овој извештај на Одделот за труд е многу подобар од експертските очекувања, во него и натаму стои дека во САД како невработени се водат 7,9 милиони лица, а 6 милиони можат да бидат ангажирани само со скратено работно време.

Податоците покажуваат дека изминатата година месечно, во просек биле отворани по 221.000 работни места. Советникот за економија во Белата куќа, Џејсон Фурман смета дека сега економијата треба да додава по само 77.000 работни места месечно, за стапката на невработеност да остане стабилна, бидејќи многумина од мошне бројната, таканаречената „бејби бум генерација“ заминуваат во пензија.

Во меѓувреме, бавниот или непроменет раст на платите, со години претставува грижа за законодавците и фрустрираните работници. Гус Фаучер, економист од Банката ПНЦ, вели дека во 2015-та, платите се покачиле за 2.5 проценти и ниската стапка на невработеност е причина за конечно тој процес да се забрза.

Бет Ен Бовино, економист од Стандардс енд пурс, вели дека позитивниот извештај е знак дека Централната банка на САД најверојатно ќе продолжи со трендот на покачување на каматните стапки. За време на финансиската криза, клучната стапка се намали речиси за нула, со цел да се зајакне растот на работни места. Федералните резерви соопштија дека опоравената економија повеќе нема потреба од вонредна помош. Бовино додаде дека Централната банка можно е годинава да ги зголеми каматните и до четири пати.

XS
SM
MD
LG