Допрва следи заострување на економските последици од коронакризата во земјава. Такви се проценките на експертите, но и на надлежните. Макроекономските проекции на министерството за финансии се дека падот на економската активност во 2020 ќе биде 3,4 проценти. Најсилниот удар се очекува токму во овој летен период.
Таквите анализи се темелат и на фактот дека во првите три месеци, кога и беше почетокот на пандемијата, стапката на раст на бруто-домашниот производ во Северна Македонија беше само 0.2 %.
Прашањето кое се поставува е кога би почнало заздравувањето – дали во третиот квартал, дали на крајот на годинава, или на почетокот на идната 2021.
Државата досега донесе неколку пакети-помош - дали, ако економските перформанси се слаби, ќе има нови?
„Се среќаваме и разговараме. Во овој момент владата не може да носи уредби со законска сила или пакети-помош, но очекуваме нова влада и нов парламент и така да се донесе нов четврт пакет помош“, изјави Мила Царовска, вицепремиерка за економски прашања.
Еден од најголемите пакети беше финансиска поддршка за исплата на плати на најпогодените сектори. Но, дел од работодавачите - 281 земале пари од државата, а не исплатиле плата на вработените.
„Апелираме до сите работодавачи да ги искористат сите права, но и да ги почитуваат обврските. УЈП ќе настојува дека помошта правилно ќе се распределува“, вели Сања Лукаревска, директорка на УЈП.
Надлежните ги повикуваат фирмите кои земале државна помош да ги исплатат платите. Ако тоа набрзо не го сторат, институциите ќе интервенираат – државните пари ќе се вратат назад и ќе следат казни.
Facebook Forum