Линкови за пристапност

Потребни се поголеми мерки за спас на економијата, сметаат професори


Потребни се поголеми мерки за спас на економијата, предупредуваат професори
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:48 0:00

Според нив, треба да останат што е можно повеќе работни места, и во таа насока да биде фокусирана политиката

Владините мерки за спас на економијата и стопанството, кои се соочуваат со сериозни проблеми поради пандемијата со коронавирусот, не се идеални, но, се подобри од претходно најавените, вели за Гласот на Америка професорот Бранимир Јовановиќ.

Тој смета дека е добро што Владата ретерирала од предлогот за кратење на платите на јавната администрација, бидејќи тоа ќе имало негативни економски и социјални ефекти, особено врз средната класа.

Вкупната државна помош во делот на даночни олеснувања и поддршка на фирмите изнесува околу 300 милиони евра, што е околу 3 отсто од вкупниот ГДП.

„Никогаш нема да можете сите да ги задоволите. Но, мора да имаме предвид дека ние сме мала и релативно неразвиена економија, особено од финансиски аспект, односно во јавните финансии и неразвиена држава. Немаме премногу простор за да имаме не знам какви пакети. Со оглед на сите можности кои ги имаме, мислам дека пакетот не е лош“, вели Јовановиќ.

За подолгорочно справување со последиците, пак, потребно е многу повеќе, вели професорот Анастас Џуроски. Со БДП од 10 милијарди евра годишно, треба да имаме пакет мерки помеѓу 700 милиони и една мијарда евра, вели тој.

„Но се` зависи од тоа колку време ќе трае ваквата состојба, која во моментот се трансформира во рецесија, каде очигледно ќе имаме двоцифрен пад годинава на БДП. Ако потрае подолго ќе биде и економска криза. Исто така, имаме доста предуслови за тоа да се случи. Ние сме мала и отворена економија и сме подложни на екстерни шокови како овој“, вели Џуроски.

Во целата оваа ситуација неопходно беше, вели Јовановиќ, да имаше поголема даночна солидарност од богатите, односно да се воведе прогресивниот данок, наместо да се задолжи државата..

За добар потег во вакви времиња, тој ја смета одлуката за задолжување, но, вели треба да дојде и до кратење на Буџетот.

„Конкретно луѓето кои имаат плати од десетици илјада евра, сега остануваат нечепнати. Мораше да има промена во таа насока, како и кај големите фирми. Имате околу 200 фирми во оваа земја кои имаат добивки над еден милион евра и сега беше шанса да ги оданочите, да земете дел од нивните профити, за да може да им дадете на другите“, рече Јовановиќ.

Џуроски смета дека треба да останат што е можно повеќе работни места, и во таа насока да биде фокусирана политиката.

„Потоа да бидат таргетирани оние кои се најподложни на ваквата состојба. Тоа се малите и средни претпријатиа и тоа во разни гранки. После тоа да се таргетираат и поголемите компании кои несомнено ќе бидат многу сериозно погодени“, додаде тој.

Џуроски вели дека земјава со ваква ситуација може да се носи неколку месеци, но, не и години. Јовановиќ, пак, дека станува збор за временски лимитирана економска криза, и затоа не треба да постои страв дека државата ќе пропадне.

Од Владата велат дека мерките биле донесени по широка консултација со економскиот совет формиран за оваа цел, како и со деловните заедници.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG