Растат цените на нафтата, како последица на ураганот Харви што го погоди Тексас. На дел од оваа сојузна држава отпаѓа значителен дел од нафтената индустрија во САД, особено нафтените рафинерии, превозот и производството.
Според одредени експерти за осигурување на недвижнини, штетите на домовите и други објекти, можно е да достигнат милијарди долари.
Ураганот донесе ветришта со јачина од преку 200 километри на час, а поројните дождови предизвикаа огромни поплави, особено во југоисточниот дел на Тексас.
Денеска цените на нафтата и нафтените производи се зголемија за седум проценти, бидејќи инвеститорите сметаат дека затворањето на бројни рафинерии и други објекти би можело да резултира со недостиг. Некои експерти проценуваат дека цените на бензинот во САД би можеле да пораснат на шест ипол центи за литар.
Поради Харви затворен е преку два милиони барели дневен капацитет за преработка на нафта.
Силните дождови се очекува да продолжат и во наредниве неколку дена. Во моментов не е познато колкава е штетата на клучната енергетска инфраструктура и колку време ќе треба за да се врати во нормала.
Во и околу Хјустон, живеат повеќе од шест милиони луѓе. Многумина избегаа пред невремето, илјадници се спасени, а десетици илјади ги напуштаат домовите и се упатени кон засолништа.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА), соопшти дека од заради природната катастрофа, се очекува владина помош да побараат 450.000 лица.
Според Американските федерални резерви, банките би требало да бидат отворени за соработка со бизнисите и другите, кои ќе се соочат со проблеми за отплата на кредитите заради невремето.
Facebook Forum