Линкови за пристапност

„Мошне ефикасна“ вакцина против еболата


Пациент којшто ја преживеал еболата дава примерок на крв во Болницата „Џон Ф. Кенеди“ во Монровија, Либерија
Пациент којшто ја преживеал еболата дава примерок на крв во Болницата „Џон Ф. Кенеди“ во Монровија, Либерија

Во клиничките испитувања во Гвинеја, досега покажала ефикасност од 100%, според СЗО

Здравствените истражувачи наведуваат дека експерименталната вакцина против еболата се покажала како „мошне ефикасна“.

Светската здравствена организација (СЗО) денес соопшти дека во клиничките испитувања во Гвинеја, вакцината досега покажала ефикасност од 100%. Британскиот медицински журнал Лансет ги објави прелиминарните резултати од истражувањето и анализите.

Новата вакцина „може да биде едноставното решение за еболата“, според норвешкиот министер за надворешни работи Борг Бренди. Норвешка беше една од земјите којашто беше вклучена во истражувањето.

Откако изби во Западна Африка минатата година, еболата однесе над 11.000 човечки животи, особено во Либерија, Гвинеја и Сиера Леоне.

Еболата е еден од мошне опасните вируси коишто предизвикуваат заболувања од групата на хеморагични трески. Новата вакцина, позната како ВСВ-ЕБОВ, носи надеж за пресврт во борбата против сите заболувања во групата.

Во март годинава, преку 4.000 лица во Гвинеја, коишто дошле во директен контакт со Еболата, учествувале во клиничко испитување на вакцината. Првичните резултати толку многу ветувале што натамошните испитувања биле прекинати неделава, за да можат веднаш да се вакцинираат сите оние коишто биле во опасност да се заразат од вирусот, наведува СЗО.

Генералната директорка на СЗО Маргарет Чан во Женева изјави дека научниците, лекарите, донаторите и компаниите за производство на лекови соработувале во изработката на вакцината.

„Доколку се покаже ефикасна, ова ќе направи пресудна разлика и ќе го промени начинот на справување со сегашното и идните избивања на ебола“, кажа Чан на прес-конференцијата.

XS
SM
MD
LG