Страв и паника, предизвика силниот земјотрес кој со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, го почувствуваа жителите на Битола, а чиј епцицентар беше во Лерин во Грција.
Иако посериозни штети не се пријавени, битолчани пријавуваат испукани тавани и ѕидови во домовите каде што живеат, особено во повисоките катови во станбените згради.
Пукнатини и одрони има и на некои постари објекти во градот.
Од Клиничката болница во Битола велат дека имало оштетувања во внатрешноста на главната зграда на болницата, но оти пациентите не биле загрозени. Дел од нив биле пуштени дома, а бил откажан и редовниот оперативен програм.
Земјотресот кој е прв поголем после земјотресот во 1992 година со јачина од 5,2 степени ги принуди битолчани ноќта да ја поминат на отворено.
Многумина од граѓаните останаа во своите автомобили или пак заминаа кај свои роднини и пријатели кои живеат во куќи. Најстрашно било во висококатниците, каде во паника, жителите трчале да ги напуштат домовите. После главниот потрес, следуваа десеттина помали потреси. Заседаваше и општинскиот кризен штаб. Ќе биде формирана стручна комисија за проценка на штетите.
„Комисија ќе ја сочинува стручен персонал од општина Битола. Тоа се градежни инженери но потмогнати и со лица од Институтот за земјотресно инжинерство доколку има поголеми оштетувања или оштетувања на јавни објекти од повисок интерес. Ако е потребно и две комисии ќе се формираат, во зависност од штетите кои ќе се пријават. Во едната градинка „Мајски цвет“, еден од клоновите е затворен. Останува стручен тим за проценка да ја утврди евентуалната штета во интерес на децата и што побргу да може да се оспособи“, вели Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
Габриела Илиевска, претседателка на Совет на општина Битола, рече дека ќе донесат заклучок, кој ќе биде доставен до Владата.
„Ќе бараме одржување на итна седница на која ќе се разгледа состојбата во Битола и на која ќе побараме и самата Влада да излезе во пресрет на она што и се случи на Битола“, рече Илиевска.
Facebook Forum