Над 12.000 граѓани на Александрија гласале досега, откако почна раното гласање за претседател на САД.
Ена Лајтер од Генералниот регистар на гласачи вели дека се очекува околу 25 проценти од граѓаните да излезат да гласаат предвреме.
Таа вели дека гласачите мора да наведат една од следниве причини за да добијат право да гласаат пред 8-ми ноември:
„Има голем метеж во сообраќајот во Вашингтон, па луѓето кои работат и се отсутни од дома по 11 часа се квалификувани да гласаат порано. Друга причина е физичката попреченост или грижа за такви лица. Ако на денот на изборите патувате надвор од градот, исто така може да биде причина за предвремено гласање“, вели Лајтер.
Процесот на раното гласање е ист како на изборниот ден, објаснува таа. Гласачкото ливче е исто, се пополнува на ист начин, а резултатите се заведуваат на денот на изборите, заедно со тогашните резултати.
Таа додава дека во Александрија се регистрирани околу 90.000 гласачи, меѓу кои и Американци со македонско потекло.
„Ние имаме многу жители кои живеат во странство, вклучувајќи и од Македонија. Им дозволуваме да гласаат порано оти сакаме да им дадеме време да ги вратат изборните ливчиња. Тие ги добиваат по електронска пат, а ги враќаат преку пошта“, изјави Лајтер.
Раното гласање ќе заврши во саботата пред изборите, а еве што велат гласачите кои веќе почнаа да гласаат:
„Гласам на секои избори. Мислам дека е тоа е многу важно во оваа земја“, вели Шерон Питс.
Марк Фелтајн, пак рече:
„Нема разлика помеѓу раното гласање и гласањето на денот на изборите. Важно е мојот глас да биде изброен. Морам да патувам на изборите, па не сакав да ризикувам и да не бидам во можност да гласам“.
За Алис Толинг, пак, гласањето е многу важно.
„Денеска гласав зошто сум гласала отсекогаш. Сакам да бидам сигурна дека мојот глас е во гласачката кутија. Друга причина зошто дојдов да гласам сега е што тогаш имам закажано операција“, рече таа.
Бери Вајнштајн гласа порано оти патувал следната недела.
„Имаме неколку легитимни причини да гласаме порано. Но, да се избега од долгите редици на денот на изборите, тоа не е легитимна причина“, смета тој.
Сепак, некои дошле токму заради тоа:
„Јас дојдов да гласам денес за да го избегнам метежот“, вели Челси Милер.
А она што го разликува ова гласачко место од другите, е тоа што до него се наоѓа ресторанот во кој јадел првиот претседaтел на САД Џорџ Вашингтон.
Некои граѓани гледаат симболика во тоа, и откако ќе гласаат влегуваат во него да ги пробаат историските рецепти.
„Ова е ресторанот Гатсби Таверн, а претседателот Џорџ Вашингтон доаѓал тука. Местото е уште поинтересно оти се наоѓа до гласачкото место“, вели жител на Александрија.
Во моментот 35 сојузни држави дозволуваат рано гласање за претседателските избори.