Глобалното информатичко општество напредува со голема брзина. Меѓународната унија за телекомуникации објави дека речиси половина од светот го користи интернетот и повеќето луѓе имаат пристап до мобилни телефони, лаптопи, телевизори, фрижидери и други електронски уреди.
Техничкиот експерт за Е-отпад, Ванеса Греј, вели дека растечката потрошувачка, создава неверојатни количини на електронски отпад.
„Во 2016-та година, светот создал вкупно 44,7 милиони метрички тони Е-отпад, односно електронска и електрична опрема која се фрла. Тоа во основа се уреди кои работат на електричен приклучок или на батерии. Ова е еквивалентно на околу 4.500 Ајфелови кули за само една година“, изјави Греј.
Во извештајот се вели дека Азија генерира најголеми количини на ваков отпад, по што следат Европа и Америка. Африка и Океанија произведуваат најмалку е-отпад.
Греј предупредува дека несоодветен и небезбеден третман и отстранување на Е-отпадот претставува ризик за животната средина и здравјето на луѓето. Таа забележува ниски стапки на рециклирање, кои исто така резултираат во економски загуби. Ова најверојатно е заради фактот што депозитите од злато, сребро, бакар и други материјали со висока вредност во Е-отпад не се обновуваат.
„Нашата проценка е дека вредноста на обновливиот материјал во Е-отпад во 2016-та година, не е помал од 55 милијарди долари, што всушност е повеќе од бруто домашниот производ во многу земји во светот“, додава таа.
Извештајот повикува на донесување легислатива за управување со Е-отпадот, а Греј смета дека се` поголем број земји се движат во таа насока.
Според неа, во моментов само 66 проценти од светското население што живее во 67 држави, е опфатено со националните закони за управување со Е-отпадот.
Facebook Forum