Линкови за пристапност

Електронска кожа


Истражувачи од Јапонија тестираат пронајдок што еден ден може да се користи за следење на биомедицински податоци.

Во труд објавен во списанието „Science Advances“, истражувачите од Универзитетот во Токио велат дека „ултратенкиот, ултрафлексибилниот“ филм кој го развиле ќе дозволи функции како прикажување на нивото на кислород во крвта и срцево отчукување по електронски пат, преку светлечка диода која е вградена во е-кожата.

Е-кожата е со дебелина од два микрометри и е направена од неизменични слоеви на силикон оксинитрит и парилин. Истражувачите велат дека специјална електрода вградена помеѓу слоевите овозможува полимерските диоди и органските фотодетектори да се поврзат со кожата. Диодите кои се десет пати потенки од човечко влакно се толку ефикасни што им треба малку електрична енергија и произведуваат малку топлина.

Истражувачите велат дека пронајдокот многу ветува.

„Доаѓањето на мобилните телефони го промени начинот на кој комуницираме. Додека овие средства за комуникација стануваат се' помали и помали, тие се' уште се дискретни уреди кои мораме да ги носиме на нас“ вели Такао Сомеја од факултетот за инженерство на Универзитетот во Токио.

„Каков би бил светот доколку би имале екрани кои би биле залепени за нашите тела за да ги покажуваат нашите емоции или нивото на стрес или непријатност? Тие можат да го подобрат начинот на кој комуницираме со оние околу нас или да додадеме сосема нова димензија на тоа како комуницираме“, вели Сомеја.

Ова не е првата „електронска кожа“ но истражувачите велат дека е поиздржлива и поудобна за носење од претходните. Оваа исто така не дозволува кислородот и пареата од воздухот да допрат до електрониката, зголемувајќи го потенцилајното времетраење на уредот од „неколку часа“ на „неколку денови“.

XS
SM
MD
LG