Во изминатата година двојно се зголемил обемот на работа на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во споредба со 2022. Извештајот за изминатата година покажува дека ова тело за човекови права надлежно за спречување на сите форми на дискриминација отворило повеќе од 500 нови предмети што, како што пишува во документот, претставува апсолутен рекорд во досегашното постоење на институцијата.
„Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година, што веројатно говори дека Комисијата добива на видливост, дека граѓаните се поинформирани и дека институцијата можеби добива уште повеќе на доверба“, рече претседателот на КСЗД Игор Јадровски.
Сексуалната ориентација, националната или етничка припадност, родовиот идентитет, но и политичкото уверување сѐ уште се најчеста основа за дискриминација.
„Забележуваме тренд на поистоветување на истите области на дискриминација претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работата, работните односи, образованието и пристапот до добра и услуги, во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои што се пријавува дискриминацијата“, рече Јадровски.
Она што се забележува е дека во 2023, споредено со 2022 година, има намалување на дискриминација врз етничка припадност, но затоа пак се детектира пораст на случаи на дискриминација поради сексуална ориентација или родов идентитет. Зголемениот обем на работа, според претседтаелот на Комисијата, соодветно не го следат и останатите институции од кои зависи ова тело.
„Апелирам пред сѐ Собранието, кое што го гласа буџетот, меѓутоа и останатите надлежни институции да имаат слух за нашите предизвици. Комисијата иако имаше квантитативно и квалитативно повеќе работа во 2023 година во споредба со 2022 година, работевме со намалени човечки капацитети во 2023 година. Комисијата сѐ уште останува со прилично лимитиран буџет и континуирано се прекршува финансиската независност на Комисијата“, додаде Јадровски.
Во годишниот извештај Комисија за антидискриминација упатува 4 општи препораки.
Првата е до управата за извршување на санкции и министерството за образование да обезбедат системски и одржлив пристап до задолжително образование на сите осудени лица.
Втората препорака исто така е до Управата за извршување на санкции и останатите релевантни органи да обезбедат еднакво остварување на правото на напредување во установите на казнетиот систем на сите осудени лица без разлика на нивниот пол.
Третата сугестија е до владата и министерството за образование да обезбедат системски и одржлив пристап до правото на користење бесплатен јавен превоз на редовните студенти од приватните универзитети во државата.
Последната, четврта препорака е до собранието да изгласа измени на законот за здравствено осигурување за отстранување нееднаков третман кон индивидуалните земјоделки во остварување право на плата за време на бременост, раѓање и мајчинство.