Линкови за пристапност

Двојни избори: Граѓаните гласаат за шеф на државата и пратеници во Собранието


Излезноста до 9 часот е 4,34 за претседателски односно 4,67 проценти за парламентарните избори. Отворени се сите гласачки места. Граѓаните може да влезат само еднаш во избирачкото место и тогаш бираат дали ќе земат едно или две гласачки ливчиња – за претседателските и за парламентарните избори

СКОПЈЕ – Со отворањето на 3.480 избирачки места во 7 часот утрово почна изборниот процес на седмите претседателски и единаесеттите парламентарни избори. Граѓаните бираат шеф на државата и 120 пратеници во Собранието на Северна Македонија. Со оглед дека станува збор за двојни избори граѓаните може само еднаш во текот на денот да дојдат во избирачкото место за да го остварат своето право на глас.

Тие ќе бидат прашани од избирачката комисија дали сакаат да гласаат само за претседател или само за пратеници или пак за двете опции и во зависност од одговорот ќе им бидат дадени гласачки ливчиња.

Од Државната изборна комисија (ДИК) соопштија дека од обработени податоци на 97 отсто од избирачките места одзивот до 9 часот на претседателските избори е 4,34 отсто а своето право на глас го оствариле над 77 илјади граѓани.

На претседателските избори право на глас имаат 1 814 317 гласачи кои може да гласаат за еден од двајцата кандидати а за да може да се избере шеф на државата потребно е исполнување на цензусот од 40 отсто односно за претседател да гласаат најмалку 727.727 гласачи а победник е оној кој ќе освои мнозинство гласови односно 50 проценти плус еден глас.

Инаугурацијата на претседателот во Собранието ќе се одржи на 12 мај.

На парламентарните избори граѓаните гласаат за една од седумнаесетте кандидатски листи од кои пет се политички партии а 12 се коалиции.

Според ДИК одзивот е нешто повисок и од собраните податоци од 97 отсто од избирачките места излезноста е 4,67 отсто а досега гласале на 83 илјади гласачи од запишаните 1.815.350 избирачи во Избирачкиот список.

„Споредбено со вториот круг претседателски избори од 2019 година излезноста е намалена за 1,99 отсто. Во однос на парламентарните избори во 2020 година исто така има намалување, за 0,74 отсто“, изјави Александар Даштевски, претседател на ДИК и додаде дека од информациите на терен засега нема никакви индикации дека има евентуален бојкот на претседателските избори.

За парламентарните избори се гласа во шест изборни единици. Во првата изборна единица регистрирани се 313.183 илјади гласачи, во втората 321.087, во третата изборна единица има 275.034 гласачи, во четвртата 278.721, во петтата 310.216 и во шестата изборна единица право на глас имаат 317.109 илјади гласачи.

Гледано по Изборни единици (ИЕ) најголем одзив има во третата ИЕ 3-6,26 отсто а најмал во шестата ИЕ 6 2,24 отсто. Во 9 часот одзивот по изборни единици за парламентарните избори според ДИК е: ИЕ 1 – 4,85, ИЕ 2 – 3,64, ИЕ 3 – 6,26, ИЕ 4 – 5,52, ИЕ 5 – 4,41 и ИЕ 6 – 2,24.

Изборите завршуваат во 19 часот кога се затвораат избирачките места а првите неофицијални резултати од претседателските и парламентарните избори се очекуваат пред полноќ.

Вчера гласаа болните и изнемоштените, осудениците и дијаспората но само за претседател.

Изборите ги следат речиси две илјади домашни и странски набљудувачи и 83 странски новинари.

XS
SM
MD
LG