Линкови за пристапност

Двесте лица избегале за година и пол: Експерти советуваат реорганизација на затворите


Панче Тошковски, МВР: Бројката од преку 200 избегани лица за година и пол е огромна и тоа е јасен сигнал дека нешто не чини
Панче Тошковски, МВР: Бројката од преку 200 избегани лица за година и пол е огромна и тоа е јасен сигнал дека нешто не чини

Бројката од преку 200 избегани лица за година и пол е огромна и тоа е јасен сигнал дека нешто не е во ред. Ќе треба време. Убеден сум дека за еден разумен временски период ќе се среди оваа состојба, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски

„Во делот на затворите не се знае таму, ни кој јаде, ни кој пие, ни кој плаќа. Катастрофална е состојбата“, рече Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за Глас на Америка вели дека затекнале хаотична состојба во затворите.

Загрижувачки е податокот дека повеќе од 200 затвореници избегале од македонските затвори во 2023 и 2024 година. Причината за ваквата состојба, тој ја гледа во немањето на систем во државата, кој драстично бил изразен токму во казнено поправните установи. Но, уверува дека работите ќе се подобрат и ќе се промени оваа ситуација.

Убеден сум дека за еден разумен временски период ќе се среди оваа состојба, на криминалците местото им е во затвор
Панче Тошковски, МВР

„Бројката од преку 200 избегани лица за година и пол е огромна и тоа е јасен сигнал дека нешто не чини. Ќе треба време, но разговарав со директорот на Управата за извршување на санкции, тој има визија, има план како тоа да се сработи. Убеден сум дека за еден разумен временски период ќе се среди оваа состојба. На криминалците местото им е во затвор“, рече Тошковски.

Она што се случува во затворите е работа на истражните органи, кои треба да ги утврдат причините поради кои се случуваат овие работи, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Додаваат дека и покрај заложбите на државата, меѓународни и домашни организации за подобрување на условите, недостатоци се уште постојат.

„Постојат голем број на системски и структурни проблеми кои постојат во установите. На пример, се уште трае кризната состојба во затворот Идризово. И, со тоа што Армијата го чува надворешниот дел е само еден начин, како на краток рок да се решат некои од проблемите во установите“, вели Александра Трајановска од Хелсиншки комитет за човекови права.

Експерти апелираат за реорганизација на затворите
Експерти апелираат за реорганизација на затворите

Таа смета дека е потребно, државата да вложи напори, да се изнајдат системски начини и да се направат измени со кои на долг рок ќе се решат проблемите во овие установи.

Ице Илијевски професор по безбедност на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола смета дека најголем дел од осудените лица кои се во бегство ги злоупотребиле погодностите кои им ги дава законот, односно тоа е можноста за користење на отсуство во текот на годината.

„За да се избегнат вакви ситуации треба најмногу да се внимава на критериумите за донесување на одредено мислење од страна на комисијата за погодности врз основа на успешноста на програмата за ресоцијализација и пред се на индивидуализација на казната затвор“, вели Илијевски.

Лицата кои избегале од затворите, можат да претставуваат сериозна закана по безбедноста, но оти тоа во одредени ситуации зависи од профилот на осуденото лице како и од видот на кривичното дело за кое е осудено, вели Илиевски.

„И, кога станува збор за одредени лица кои се осудени за тешки кривични дела, тука постои опасност тие повторно да продолжат со извршување на нови кривични дела или да се вратат во одредена криминална група, каде претходно припаѓале. Но, постои опасност овие лица да се обидат да се одмаздат на некои сведоци или жртви“, додава тој.

Министерот Тошковски вели дека државата треба да им ги овозможи сите права кои ги дава законодавецот и на осудените лица, но оти сите оние кои сториле кривични дела, треба да се таму каде што им е местото.

XS
SM
MD
LG