СКОПЈЕ – Казни наместо опомени ако трговците повторно се обидат да ги изиграат владините мерки или акции за потрошувачите и замрзнување на цени за наредните празнични кошнички ако резултатите кои ќе се постигнат со новогодишната акција не дадат задоволувачки резултати.
„На моето биро стои изготвена одлука за замрзнување на цените и доколку контролите на пазарниот инспекторат укажат на злоупотреба на цените на основните производи веднаш за само еден час ќе биде донесена одлука на Влада за воведување на таква мерка“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Дурмиши е дециден дека ограничување на цени и маржи сега нема да има бидејќи предупредувањата кон трговците дека следуваат ригорозни мерки доколку не ги намалат цените дале вродиле со плод. Цените биле намалени но министерот предупредува дека доколку се повтори неоправдано покачување на цените во трка за профит а на грбот на граѓаните ќе се казнува директно и нема да има опомени како досега.
„Се намалија цените на маслото јајцата, сувомеснати производи, млеко, путер грав. Ако видиме вакво однесување повторно имаме механизми и веднаш ќе донесеме одлука па ќе следат казни па дури и затворање“, рече Дурмиши.
Резултатите кои ќе ги даде новогодишната кошничка, иако овој пат станува збор за акција а не одлука на Владата, ќе бидат пресудни за тоа дали за претстојните Велгиденска и Рамазанска кошничка ќе се оди на истиот принцип или пак ќе се замрзнуваат цените.
„До 15 јануари, ќе се знае дали „Новогодишната кошничка“ ги постигнала очекуваните резултати или не. Доколку се покаже дека не ги исполнила очекувањата следните две кошници ќе ги донесеме со одлуки за замрзнување на цените“, рече Дурмиши.
Со примена на Законот за забрана на нефер трговски практики пак ќе има стабилизирање на цените во малопродажбата на долгорочен рок и ќе се регулираат односите меѓу произведувачите, добавувачите и трговците е ставот на заменик-министерот Марјан Ристески.
Трговците повторно ја изиграа Владата и граѓаните и ги покачија цените на основните продукти а тоа покрај граѓаните го потврдија и бројките на Државниот завод за статистика која во ноември измери инфлација од 4, 3 отсто во споредба со истиот месец лани но и минималната синдикална кошничка каде што имаше поскапување на производите кои што се опфатени во акцијата и требаше да поевтинат наместо да поскапат.