Линкови за пристапност

Дурмиши: Новите празнични кошници за граѓаните ќе траат 15 или 30 дена


Тие се трговци и плаќаат даноци на државата, но ќе внимаваме и на животниот стандард на граѓаните, но и да не направиме штета на трговците, вели министерот за труд и економија, Бесар Дурмиши
Тие се трговци и плаќаат даноци на државата, но ќе внимаваме и на животниот стандард на граѓаните, но и да не направиме штета на трговците, вели министерот за труд и економија, Бесар Дурмиши

За Владата успешна мерка за граѓаните не. Владата и опозицијата во војна со бројки, владата пресмета 1.360 денари заштеда СДСМ само 57. Нови кошници ќе има, се преговара за тоа кои и колку продукти ќе содржат а чија маржа ќе биде ограничена на 10 отсто

СКОПЈЕ - Владината мерка за ограничување на маржите до 10 отсто преточена во т.н. есенска потрошувачка кошница даде резултати смета министерот за труд и економија, Бесар Дурмиши. Пресметките во министерството за економија и труд покажале дека едно семејство заштедиле до 1.360 денари минатиот месец но во зависност од тоа како се хранеле и каде купувале.

„Цените на производите од есенската кошница се намалени во просек од 5 до 10 проценти при што кај некои производи намалувањето на цените беше помало или воопшто го нема како на пример лебот, млекото и маслото за јадење додека кај други производи намалувањето е значително поголемо како кај месото и млечните производи“, изјави министерот Дурмиши.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој денес ги презентираше резултатите нагласи дека не очекува нов ценовен шок но најави и ригорозни мерки доколку трговците почнат со поскапување на производите. Сепак за какви мерки станува збор не кажа.

Министерот Дурмиши најави дека вакви мерки , односно „потрошувачки кошници“ ќе има и во иднина но сега тие ќе траат меѓу 15 и 30 дена а планирани се за новогодишните односно Божиќни празници, за Рамазан и за Велигден. Во моментов Дурмиши и претставници на трговците и дистрибутерите имаат состаноци на кои треба да се прецизираат деталите и продуктите кои ќе бидат опфатени па на тој начин да се избегнат ситуации како на почетокот на есенската кошница кога недостасуваа производи на рафтовите.

„Може да ја наречете и Божиќна и новогодишна. Проблемот е во тој временски период, тие одредени производи кои им требаат повеќе на граѓаните, кои трговците им ги покачуваат цените, ние сакаме во тој период да донесеме одлука со која цените ќе останат стабилни“, објасни Дурмиши.

Дополнително намалување на цените треба да има веќе овој месец откако трговците ќе ги истрошат залихите во магацините за кои тврдат дека ги имаат и новата стока ќе ја набават согласно новите пракси предвидени со Законот за забрана за нефер трговски практики. Трговците имале забелешки и околу овој закон.

„Се жалеа на повратот на производите бидејќи во Законот се предвидува дека нема поврат на производите кои нема да се продадат. Овие проблеми ги пренесоа до мене и ќе гледаме во наредниот период да им излеземе во пресрет. Тие се трговци и плаќаат даноци на државата но ќе внимаваме и на животниот стандард на граѓаните но и да не направиме штета на трговците“, рече Дурмиши.

Со став се јавија и од најголемата опозициска партија СДСМ чии пресметки се дека граѓаните заштедиле 57 денари за еден месец и најавија дека ќе поднесат закон за намалување на цените.

„Дурмиши очигледно не бил во маркет, не ги видел цените дека нема намалување и дека најголемиот дел од производите останаа со исти цени. Тоа што само за неколку производи се намалија цените со незначителни суми е најголема потврда за неефикасната мерка, која беше лошо осмислена и им дозволи на трговците прво да ги зголемат цените пред да стапи на сила. Нереалните трошоци кои ги имаат граѓаните заради слабите политики на Владата на Мицкоски и нереалните цени се товар семејствата и родителите секој ден. Бидејќи власта не планира да преземе конкретни и реални мерки СДСМ ќе поднесе закон за вистинско намалување на цените“, стои во соопштението на партијата.

Кога станува збор за мерката потрошувачки кошници, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска остана на ставот дека е против овој тип на мерки и не поддржува повторно активирање како што е најавено за во периодот кој следува.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG