„Секој млад човек треба да самостојно да одлучи каде и зошто сака таму да живее, меѓутоа она кое што се трудам и за што се залагам е да му предочиме на младиот човек кои се позитивните страни во таа некоја земја во која сака тој да мигрира, кои се негативните страни“, вели во интервју за Гласот на Америка, младиот европски амбасадор Иван Дургутов. Тој смета дека лидерите на денешницата и лидерите на новото време кое што доаѓа може да се наречат навистина лидери ако она кое што го знаат и умеат, умеат да го пренесат исто така и на останатите млади луѓе и на генерациите кои што доаѓаат после нив.
Глас на Америка: Иван, добредојде во Вашингтон. Што значи да се биде млад европски амбасадор?
Иван Дургутов: Ви благодарам. Секогаш е убаво чувството да се биде повторно во Вашингтон, еден од главните светски центри и навистина сум почестен што ја имам оваа прилика да бидам прв пат и во просториите на македонската редакција на Гласот на Америка.
Да се биде млад европски амбасадор всушност значи да се биде промотор на европските вредности во една мала земја како што е Македонија.
Како што знаеме, ние со кандидатскиот статус се стекнавме во првата декада од овој век, меѓутоа веќе сме 2023-тата година и се уште ние сме само со кандидатски статус односно се уште не сме полноправна членка на Европската унија. Токму ова, токму оваа можност која што ни стои на располагање да станеме членка на унијата меѓутоа и оној вакум период кој што постои во меѓувреме јас го доживувам како простор да влијаам на промовирање на европските вредности во мојата земја и да се обидам на младите луѓе да им објаснам кои се придобивките од членството на Македонија во Европската унија и што тоа таму постои за нив, што тоа таму има за нив и зошто всушност членството на Македонија во Европската унија ќе ја направи нашата земја попросперитетна, подемократска и попристојна како држава за живеење на младиот човек.
Глас на Америка: Кои се вашите активности?
Иван Дургутов: Активностите кои што ги правиме како мрежа на млади европски амбасадори во Македонија меѓутоа и во останатите пет држави од западниот Балкан всушност се состојат од повеќе компоненти. Дел од нив ги правиме онлајн односно преку виртуелниот простор користејќи ги придобивките и можностите кои што ги нудат социјалните мрежи денеска, додека останатиот дел од активностите се всушност активности кои што ги спроведуваме во живо. Тие се состојат од најразлични герила акции, отчествување на меѓународни денови, одржување трибини и панел дискусии на кои говориме со останатите млади луѓе и гласно размислуваме на многу важни општествени прашања како што е родовата еднаквост, европската интеграција, човековите права, вработливоста и вработувањето на младите луѓе и сето она што за мене, но и за сите нас кои што сме европски амбасадори всушност претставува она европското. Се трудиме токму тие теми кои што ги доживуваме како европски да ги донесеме дома, да ги отвориме и заедно да ги продискутираме со другите млади луѓе.
Глас на Америка: Во 2019 година бевте дел од програмата за образовна и културна размена на млади лидери што се одржа во сојузната држава Вашингтон. Кажете ни за тоа искуство.
Иван Дургутов: Да, во 2019-тата година бев еден од учесниците на програмата којашто како што споменавте и вие поддржана од Бирото за образование и култура на Стејт департментот, а која што всушност го носи насловот Study of the U.S. Institutes и која што се одржа во сојузната држава Вашингтон каде што на Државниот универзитет Вашингтон имавме можност да бидеме дел од една академска, меѓутоа и лидерска програма на која беа учесници и млади луѓе до 25 години, осумдесет најперспективни млади луѓе од Европа кои што беа распоредени како што кажав дел во Државниот универзитет во Вашингтон, а дел во останатите универзитети кои што учествуваа во оваа програма таа година. Програмата се состоеше од повеќе нешта. Една од работите која што ја правевме е всушност имавме предавања за меки лидерски вештини меѓутоа програмата беше специфична и толку добра поради тоа што не беше чисто предавања кои што ги слушаме на редовните универзитети меѓутоа беше всушности и поврзување и со локалната заедница, правење на волонтерски активности и работење на конкретен проект кој што проект всушност во последната недела од петнеделниот престој во САД имавме можност да го презентираме токму тука во Вашингтон пред претставници на Стејт департментот и да лобираме односно да го претставиме тоа на кое што работевме и да видиме како тоа изгледа од нивна перспектива и што навистина од тоа може да се спроведе во нашите земји кога ќе се вратиме назад.
Глас на Америка: На почетокот на ова интервју кажав дека сте директор на Европската бизнис асоцијација. Што всушност претставува оваа организација
Иван Дургутов: Европската бизнис асоцијација претставува стопанска комора која што е присутна во нашата земја. Таа е всушност дел од поширокиот систем на европски бизнис организации кои што егзистираат во повеќе земји во светот, а кои што всушност се трудат да ги обединат најуспешните компании со европски капитал меѓутоа во Македонија и најголемите македонски компании кои што треба да претставуваат пример односно да се залагаат и се залагаат за водење на бизнис на европски начин дома, во својата земја односно во македонската заедница. Оваа бизнис асоцијација се труди на најразличен начин да претставува мост помеѓу македонските компании кои што се членки на асоцијацијата, европските институции присутни во земјата меѓутоа и сите оние заинтересирани страни кои што се вклучени во сето ова. Тука влегуваат државните институции, влегуваат останатите стопански комори со кои соработуваме, влегуваат медиумите, влегува целокупното граѓнство преку која комуникација всушност се трудиме да покажеме дека она кое што го работиме е она кое што навистина го гледаме во Европската унија меѓутоа овој пат го гледаме дома, а тоа е европски начин на водење на бизнис, европски стандарди на корпоративно управување и лобирање за воведување на тие европски стандарди кај нас.
Глас на Америка: Многу се зборува за заминувањето на младите од државата последниве години. Каде вие ги гледате причините за тоа и како да се запре тој тренд?
Иван Дургутов: Се согласувам дека миграцијата претставува една од прашањата која што навистина многу се дискутира во Македонија, во регионот меѓутоа и пошироко. Честопати присуствувам на дискусии дали како говорник, дали како посетител на тие дискусии на кој што се трудиме да дадеме одговор на прашањето зошто младите си заминуваат од Македонија и дали постои некаков начин, некаков механизам, ако не да го спречиме меѓутоа да го ублажиме сето тоа. Мојот одговор е следниот: миграцијата како основно човеково право постоело, постои и ќе постои секогаш. Јас како млад човек не сметам дека останатите млади луѓе треба да ги ограничиме со тоа што ќе им кажеме или ќе им наметнеме дека нивната родна земја е единственото место каде што тие може да се трудат да имаат просперитетен живот. Токму изминатиов период, периодот на ковид пандемијата во кои што сите заедно се соочивме со затворени граници на државите, видовме во тој период дека младите не беа многу среќни, дека токму младите беа оние на кои можеби најмногу им беше скратено правото да се движат, да соработуваат со останатите млади луѓе и да учат, да патуваат, да се школуваат надвор. Она за кое што јас лично се залагам како индивидуа меѓутоа и професионално преку она што го работам е да зборуваме за информирана миграција.
Да не дозволиме миграцијата да се доживува како еден тренд, како една новина или како едно да кажеме модерно нешто кое ни се случува по секоја цена.
Јас сакам да верувам дека секој млад човек треба да самостојно да одлучи каде и зошто сака таму да живее, меѓутоа она кое што се трудам и за што се залагам е да му предочиме на младиот човек кои се позитивните страни во таа некоја земја во која сака тој да мигрира, кои се негативните страни. Верувам дека секогаш има две страни на приказната, верувам дека има и многу причини поради кои треба својата иднина да ја градиме дома каде што се нашите семејства каде што го поминувавме нашето детство меѓутоа исто така верувам дека ако секој еден човек се чувствува посреќен и поисполнет надвор, таа шанса, таа можност треба да му биде овозможена. Она за кое што јас силно верувам и се залагам е дека треба да го користиме потенцијалот на луѓето кои што се дома меѓутоа и потенцијалот на младите луѓе кои што се надвор од границите. Да не зборуваме постојано како да ги задржиме дома, туку да зборуваме повеќе за тоа дека треба да ги информираме како навистина нештата стојат, а доколку се отселат тогаш да се потрудиме целокупниот нивен потенцијал да го искористиме и таму односно да видиме како тие можат да бидат промотори на сопствената земја иако физички не се наоѓаат во истата.
Глас на Америка: Имате ли порака што би сакале сакате да ја упатите до сите млади и воопшто до нашата публика?
Иван Дургутов: Да. Мојата порака всушност се состои од две нешта: првото нешто е да кажам дека навистина сметам дека се особено важни медиумите како Гласот на Америка кои што опстојуваат толку долги години и кои што всушност функционираат и известуваат на повеќе од 45 јазици како што е случајот со Гласот на Америка. Навистина се радувам што овој толку значаен медиум емитува содржина и на македонскиот јазик и навистина сметам дека како млади луѓе треба ги користиме сите овие кредибилни медиуми за што подобро да го градиме своето мислење и да го оформуваме нашиот став базирано на факти и на точни информации. Тоа е едниот дел од пораката, а другиот дел од пораката е всушност охрабрување кое што сакам да го испратам до младите луѓе да ги користат сите оние прилики кои што им стојат на располагање за доедукација, за дооформување на својата кариера, за дооформување на своето образование меѓутоа да се потрудат тоа да го пренесат и на останатите свои врсници. Навистина сметам дека лидерите на денешницата и лидерите на новото време кое што доаѓа може да се наречат навистина лидери ако она кое што го знаат и умеат, умеат да го пренесат исто така и на останатите млади луѓе односно на генерациите кои што доаѓаат после нив. И за крај само би додал дека она кое што навистина ме научи програмата во 2019 година на која што присуствува во САД, а која што беше програма особено важна за мојот личен и професионален развој е дека вистинските лидери создаваат други лидери. Ви благодарам.