Линкови за пристапност

Дуња Иванова, пијанистка и државна првенка во велосипедизам: На стартната линија некогаш се броиме само една рака натпреварувачки


Иванова стана и првата Македонка што избори пласман за светското велосипедско првенство што летово ќе се одржи во Глазгов
Иванова стана и првата Македонка што избори пласман за светското велосипедско првенство што летово ќе се одржи во Глазгов

После само три години активно тренирање, пијанистката Иванова ги освои сите можни домашни велосипедски трки, застана на подиумите во регионот, а стана и првата македонска велосипедистка што ќе се натпреварува на светско првенство од висок калибар

Дуња Иванова, велосипедистка. Активно тренира само три години и веќе ги освоила сите можни титули во домашните вело-првенства во женска категорија.

„Планински велосипедизам, вело-крос, хронометар, друмски велосипедизам, ридското државно првенство. Во моментов сум актуелен државен првак во планински велосипедизам, во вело-крос и во хронометар. Возам четири различни велосипеди. Тоа се четири различни дисциплини“, ни се претстави шампионката.

Иванова стана и првата Македонка што избори пласман за светското велосипедско првенство што летово ќе се одржи во Глазгов.

„Заедно со мојот тим од велосипедскиот клуб ‘Енерџи’, ја почнавме оваа приказна уште во минатата година. И, со добра волја и поддршка од Велосипедската федерација на Македонија, ќе се натпреварувам во категоријата хронометар“, вели Иванова.

Додава дека пласманот во натпреварување од светски калибар е одговорност на сегашните за новите генерации.

„Среќна сум што имам добар тим околу себе. Со моите тренери, Љубиша Кондев, Дејан Новковски и Огнен Бражански, со поддршка од Федерацијата (велосипедска), заеднички да ја кренеме рампата за децата што допрва доаѓаат. За момчињата и за девојчињата. Но, особено за девојчињата на кои им се наметнува еден општествен товар, кој во денешно време е навистина непотребен“, укажува Иванова.

Ја прашавме какво е чувството на трка, кога и други велосипедисти се дојдени таму со цел да победат.

„Секогаш е ново чувство и нова приказна, зашто соочувањето е различни ’противници’. Но, моето чувство поаѓа од потребата за себе-докажување. Повеќе се натпреварувам со самата со себе, отколку со моите противници“

На стартната линија, во велосипедизмот, се броиме на една рака, во споредба со машката конкуренција каде бројот е поголем. Сметам дека тоа се должи на улогата што општеството ја наметнува врз жената

Дуња ја прашавме и за позицијата на македонскиот женски спорт.

„На стартната линија, во велосипедизмот, се броиме на една рака, во споредба со машката конкуренција каде бројот е поголем. Сметам дека тоа се должи на улогата што општеството ја наметнува врз жената. Потребата таа да се реализира единствено како мајка, да се грижи за семејството, а секако и за нејзините професионални обврски. Тоа е нешто што треба да се надмине“, смета Иванова.

Таа упатува и порака до младите генерации, особено за натпреварувачките, да соберат сили да се испробаат во тоа што го посакуваат.

„Да ризикуваат, да се обидат. Да се обидат без никакви очекувања. Сопствената дисциплина ќе им го донесе резултатот на којшто и воопшто не се надевале“, истакнува Дуња.

После парк-шумата Гази Баба, со Дуња Иванова се упативме кон Македонската филхармонија. Покрај велосипедските патеки, концертните сали и пијаното се вториот професионален подиум за Иванова. Таа ни истакна дека музиката е нејзина прва љубов.

„Музиката го исполнува мојот живот уште од најраното детство. Таа е мојата примарна професија. Но, би рекла дека истите навики, истите рутини, истата возбуда се пресликува и во спортот. Тоа се двете области што го прават мојот живот убав и утрото светло. Од тие причини не би можела да издвојам некоја од нив што повеќе би ми значела“, вели Иванова.

Често, наместо во концертни сали, таа настапува и на отворено. Зад тоа се крие уште една порака:

„Да се укаже на тоа дека добрата музика може да се искуси во каков било амбиент. Дека е важна суштината и содржината на тоа што се изведува, а не формата“, категорична е пијанистката и велосипедистка.

Иванова предава во Музичко балетскиот училиштен центар „Илија Николовски - Луј“. Нејзини ученици се припадниците на таканаречената генерација „алфа“.

„Ние како наставници, како родители, мораме да се прилагодиме на нивниот јазик, на нивните потреби. Така ќе успееме да им го пренесеме нашето знаење и да им ја всадиме љубовта кон музиката и уметноста“, укажува Иванова.

Се радувам на секое утро како еден нов предизвик, како една можност да научам нешто ново

Покрај музиката, докторирала и на студии по филозофија. Нејзината животна филозофија делува инспиративно.

„Честопати ме критикуваат дека премногу ги идеализирам работите. Но, јас верувам во тоа и навистина се радувам на секое утро како еден нов предизвик, како една можност да научам нешто ново. Потребата за постојано да истражувам е нешто што ме води низ животот“, објаснува Иванова.

На крајот од разговорот ја прашавме дали постои музичко дело со кое би можела да ги отслика предизвиците на една велосипедска трка.

„Секоја трка е различна. Така што за секоја трка би одговарала веројатно и различна музика. Но, еве да речеме ‘Нуволе нере’ од Лудовико Еинауди“ го следи тој процес на подготовка и самата возбуда и адреналинот што се појавува за време на еден таков спортски настан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG