Линкови за пристапност

Државите од Пацификот против планот на Јапонија да испушта радиоактивна вода во океанот


Државите на Пацификот се спротивставуваат на барањето на Јапонија за испуштање радиоактивна отпадна вода во океанот од нуклеарната централа Фукушима

Пацифичките острови се дом на милиони морски животински видови. Експертите велат дека околу 44 проценти од нив се загрозени или се под закана. Ова е дом и за луѓето чија работа е поврзана со морето.

„Тоа е нашиот живот. Океанот обезбедува речиси се` што ни треба за егзистенција бидејќи ние сме океански држави“, вели Тебуроро Тито, амбасадор на Кирибати во ОН и САД.

Амбасадорот на Кирибати вели дека луѓето од овој регион се загрижени за предлогот на Јапонската нуклеарна компанија ТЕПКО да испушти повеќе од еден милион метрички тони пречистена нуклеарна отпадна вода од централната Фукушима во Пацификот.

Јапонските власти тврдат дека водата можат да ја направат безбедна.

„Напредокот во напорите за деактивирање, вклучително и ослободувањето на прочистителната вода во морето, како и научниот транспарентен пристап на Јапонија се ценети“, вели Јасутоши Нишимура, министер за економија и трговија на Јапонија.

Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека на Јапонија ѝ снемува простор за складирање вода и оти ги следи препорачаните безбедносни стандарди за третирање на загадувачите.

Но, на неодамнешниот собир на еколошките министри од групата седум најразвиени нации (Г-7), највисокиот германски претставник не го поддржа планот.

„Очигледно е дека министрите за животна средина не можат да поддржат внесување на загадени материи во вода каде било во светот“, посочи Штефи Лемке, Министерка за животна средина на Германија.

„Ова испуштање е апсолутно без преседан во однос на количината“, укажува Ивана Николиќ Хјуз од Универзитетот Колумбија.

Николиќ Хјуз е хемиски инженер која раководи со нуклеарните истражувања на Универзитетот Колумбија на Маршалските Острови.

Токму тука САД извршија 67 нуклеарни тестови меѓу 1946 и 1958 година. Хјуз вели дека 60 години подоцна, нејзиниот истражувачки тим открил дека во кокосот имало радиоактивни елементи.

„Таму сè уште има радијација. Она што научивме е дека не постои такво нешто како безбедно користење или безбедно тестирање“, додава Николиќ-Хјуз.

Во февруари, Форумот на Пацифичките Острови се состана со ТЕПКО, и побара дополнителни студии за процесот на деконтаминација, со цел да се увери дека ослободувањето нема да ја загади водата или да му наштети на дивиот свет.

„Тоа мора да биде безбедно. Не смее да влијае негативно врз животот на луѓето“, вели амбасадорот на Кирибати.

ТЕПКО досега го одложуваше ослободувањето, давајќи им простор за повеќе опции на оние кои се противат на предлогот.

Хјуз вели дека една од алтернативите треба да биде лоцирање на дополнителни резервоари за складирање на нуклеарните отпадни води додека не се намали радиоактивноста.

XS
SM
MD
LG