Сувата вода личи на ситен бел песок, што не изненадува зашто тоа што ја прави сува е што секоја капка е покриена со отпорен на вода кварц, како обичниот песок од плажа.
Обвивката оневозможува молекулите на вода повторно да се вратат во течна состојба. Ситната прав што резултира може хемиски да се врзе со гасови и да формира корисни соединенија наречени хидрати. Истражувачот Бен Картер од Универзитетот на Ливерпул вели дека сувата вода може брзо и лесно да се направи - со мешање на кварц и вода со голема брзина и се создава за само 90 секунди.
Сувата вода не е нова. Патентирана е во 1968, кога го привлекла вниманието заради потенцијалот во козметичката индустрија. Но, последниве години Картер и неговите колеги се фокусирани на некои нови начини за нејзина употреба, пред се` заради способноста да се врзува за метан. Картер вели дека тие се надеваат оти еден ден тоа може да обезбеди посигурен начин за чување на метанско гориво во возила на природен гас.
„Метан хидрат беше нашата цел, зашто подобро чување и пренос на метан како природен гас е клучен дел на неговиот развој како позелена алтернатива на другите фосилни горива. Ние работевме на докажување дека ист контејнер може да биде направен со јаглерод диоксид, формирајќи јаглерод диоксид хидрат, што може да собере три пати повеќе на јаглерод диоксид за исто време со употреба на сува вода наместо со обична вода“.
Картер вели дека заради способноста да апсорбира големи количини на јаглерод диоксид хидратот на сува вода може да биде ефикасен метод за намалување на гасовите што предизвикуваат климатски промени во атмосферата. Картер вели дека други лабораториски експерименти индицираат дека сувата вода би можела да биде поподобна за преработка со додавање на агенс во вид на гел пред да се измеша.
„Овој агенс потоа е посилен и може да оди преку повеќе циклуси на впивање гасови и нивно ослободување“.
Хемичарите исто така гледаат добри страни на употребата на сува вода во производството на лекови, состојки на храната и други потрошувачки производи. Лабораториските тестови сугерираат дека тоа во голема мерка ќе ја забрза каталитичката реакција инволвирана во правење на тие производи, и ќе дозволи позелено, подобро хемиско процесирање што се однесува на економично користење на енергија. Хемичарите исто така веруваат дека дека технологијата на сува вода покажува ветување како начин на безбедно чување и транспорт на потенцијално опасни течности трансформирајќи ги во сува, стабилна прав. Картер и колегите дискутираа за оваа и други апликации на сувата вода на неодамнешниот состанок на Американското друштво на хемичари во Бостон.