Линкови за пристапност

Уапсен Драган Даравелски


Ексдиректорот на Царината, по 13-годишно бегство,уапсен во Србија и се очекива да биде екстрадиран во Македонија

Минатата ноќ, Министерството за внатрешни работи на Србија, околу два часот по полноќ, го упасило некогашниот директор на македонската Царина, Драган Даравелски, врз основ на веќе десет години активната потерница, распишана од македонските судови, но тој досега не е испорачан во Македонија, во која е осуден на седум години затвор. Кон крајот на 2002 година, наместо примопредавање на функцијата, тој избега во Србија, каде по една година, додека во екстрадициски притвор чекаше испорачување во Македонија, му беше одобрено српско државјанство, по откажувањето од македонското државјанство. Со првостепената пресуда на скопскиот Кривичен суд од мај 2007 година, Даравелски во отсуство, е осуден на седум години, затвор, заради злоупотреби во периодот од 1999-та до 2002-та година, со кои Македонија била оштетена за 2,5 милиони евра. Следната година и скопскиот Апелациски суд во целост ја потврди затворската казна на Даравелски, со заплена на имот од 1,5 милион евра. Но, иако уште во мај 2004 година, за првпат е уапсен во својот стан во центарот на Белград, тој никогаш не е испорачан на Македонија.

И македонското МВР потврди дека Даравелски денес повторно е уапсен, иако сите овие години сосема нормално живееше и работеше во Белград, иако врз основа на Договорот за екстрадиција меѓу Македонија и Србија од 2012 година, државите договорнички се обврзуваат дека, под условите предвидени со овој договор, по молба, една на друга ќе ги екстрадираат засегнатите лица. Во потерницата на МВР пишува дека Даравелски Драган „се бара по наредба на Основниот суд Скопје за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 КЗ на РМ“.

Во 2002 година, премиер на Македонија е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, а министер за финансии, е премиерот во оставка Никола Груевски.

Македонските медиуми шпекулираа дека Даревелски поседува два стана и модно студио во центарот на Белград, а дека по неговото бегство со Србија и судските преусуди му биле конфискувани три куќи во Куманово и еден плац во Скопје во вредност од два милиона евра.

Паралелно со вестите од Белград за апсењето на недопирливиот Даравелски, денешна топ-тема во македонските медиуми е дека истражителите од Специјалното јавно обвинителство, околу четири часот утринава, по целоноќната блокада ги напуштиле просториите на Централниот регистар откако ги добиле бараните документи, за кои наводно, според инсајдерски информации, постоела опасност да бидат уништени. Разврската на целоноќната блокада на Централниот регистар, е дека сите барани документите сепак, биле на број и им се дадени на увид на истражителите од обвинителството..До акцијата дошло откако по неколку упатени барања од СЈО, Централниот регистар одбил да ги достави документите

Иако медиумите не откриваат за кој предмет се однесуваат бараните документи, Обвинителството само наведува дека тие се потребни за предистражна постапка за предмет на кој сега работат, а кој се чува во тајност, но во јавноста е пуштена шпекулација дека се работи за фирмите од егзотичните острови – „перални на пари“ Во акцијата на СЈО учествувале припадници на полициската единица „Алфи“

XS
SM
MD
LG