Деталните урбанистички планови (ДУП) од Советот на општината Центар се селат во Уставиот суд. За судбината на плановите „Тасино Чешмиче“ и „Капиштец - Водно“ ќе одлучува деветчленото тело, најави денеска градоначалникот на Центар, Адреј Жерновски, откако по тричасовна расправа, Советот на Центар гласаше со единаесет гласови „за“, исто толку против и еден воздржан глас по одлуката на Жерновски за вето на двата плана.
Според Жерновски, Советот не може да донесе одлука со исход на ист број гласови како во случајов, и, како што кажа, тоа е грубо кршење на Деловникот и Статутот на општината. Жерновски смета дека плановите се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) и законот, што се доволни причини тие да се обжалат на Уставен суд.
„Ако го потпишете ова решение, општината ќе влезе во правен вакуум“, порача Жерновски пред Советот, издавајќи и вакво предупредување: „Доколку нешто се случи на Водно, на секои 5 минути ќе Ви се јавувам и ќе Ве потсетувам дека ова Вие сте го гласале. Не можат да се донесат одлуки со ист број гласови, затоа ова ќе го обжалам на Уставен суд, кој со техничка одлука ќе констатира дека ова сценарио е спротивно на законот“.
За претседавачот на Советот, Мирослав Шиповиќ и советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се е во согласност со законите и прописите. Во случајов, Шиповиќ гласаше воздржано.
Инаку, Советот се изјаснуваше за урбанистичките планови на само две недели откако Жерновски одлучи да ја забрани нивната правосилност. За ДУП тогаш гласаше мнозинството од присутните на седницата, но не и вкупниот број на членови на Советот, што за градоначалникот беше причина да ги искористи сите механизми и да ја оспори нивната важност.