Линкови за пристапност

Доу Џонс скокна над 14,200


Рекордното ниво на најпроминентниот американски берзански индекс е во контраст со севкупната економска ситуација во земјата.

Најпроминентниот американски берзански индекс, индустрискиот просек Доу Џонс се качи на рекордно високо ниво на почетокот на денешното тргување.

Само неколку минути откако со традиционалниот ѕвон беше означен почетокот на работата на Њујоршката берза, композитот од 30 клучни акции скокна над 14,200, со тоа наминувајќи го претходниот рекорд од 14,164 со кој заврши тргувањето на 9-ти октомври 2007-ма. Претходниот рекорд е од периодот пред САД и другите светски економии да западнат во длабока рецесија, што стана најизразита 2008-ма и 2009-та.

Денешното рекордно високо ниво на Доу Џонс е во контраст на севкупната економска ситуација во земјата. Невработеноста е се` уште на историски високо ниво од 7.9%, со над 12.000 милиони луѓе кои се` уште бараат редовна работа. Економскиот растеж во последните три месеци на 2012-та е само 0,1%.

Згора на се`, претседателот Барак Обама и републиканските противници во Конгресот се во костец околу владините трошоци и даночни прашања. Откако не најдоа натпартиски договор, минатиот петок во сила стапи кратење на владиниот буџет од 85 милијарди долари. Обама и републиканските законодавци сега спорат околу ефектите на кратењето врз економијата и пазарот на труд.

Аналитичарите сметаат дека Доу Џонс скокна делумно поради големите корпорациски профити, подобрената ситуација на пазарот на домување и фактот дека Федералните резерви (американската централна банка) продолжија да внесуваат по 40 милијарди месечно за да ја поттикнат најголемата економија во светот. Резервите планираат да ги одржуваат каматните стапки на ниско ниво до 2015-та, со надеж дека и тоа ќе и` помогне на економијата.

Во Доу Џонс се вклучени некои од најпознатите американски компании и познати имиња како Ексон мобил, Вомарт и Дизни. Иако другите широкобазирани американски индекси, како Стандард енд Пурс 500, на пример, ги вклучуваат акциите на многу други компании, Доу со текот на децениите стана симбол на долгорочниот успех на американскиот капитализам.
XS
SM
MD
LG