Линкови за пристапност

Со донација на македонските граѓани ќе се гради училиште во турскиот град Малатја


Станбена зграда во турскиот град Малатја, по земјотресите што ја погодија Турција.
Станбена зграда во турскиот град Малатја, по земјотресите што ја погодија Турција.

Училиштето, во тешко погодениот град Малатја при земјотресите во Турција, ќе се именува по името на државата – Република Северна Македонија, додека 32 училници ќе бидат именувани по македонски градови

Со дел од средствата кои македонските граѓани ги донираа за помош на населението во погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес, кои ги зафати Турција и Сирија, во февруари годинава, ќе биде изградено Основно училиште во турскиот град Малатја.

Во акцијата собрана е донација на парични средства во износ, нешто над шеесет и три милиони денари (63 380 807 денари).

„Црвениот крст на Република Северна Македонија по направените преговори со турската Црвена полумесечина, на заеднички предлог, одлучи собраните хуманитарни средства во износ од над педесет милиони денари, односно( 50.909.796 денари), да се наменат за изградба на училиште во градот Малатја. Новото училиште ќе го носи името на нашата држава, а 32 училници ќе ги носат имињата на градовите на нашата држава“, велат од Црвен крст.

Од таму велат дека овој акт ќе остави траен белег и доказ за солидарноста на граѓаните на Република Северна Македонија кон граѓаните на Република Турција. Oд собраните средства на сметката на Црвен крст, повеќе од дванаесет милиони денари ( 12 427 334 денари) се испратени на сметката за меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, за помош на настраданото население во Сирија.

Јасмин Реџепи, од невладината организација „Легис“, од Скопје, кој беше меѓу првите кои ги посети овие подрачја, вели дека веста оти некое училиште во Малатја ќе се реновира или делумно изгради со средствата донирани од македонските граѓани, а при тоа ќе го носи името на нашата држава, а училниците имињата на македонски градови, е чин на пријателство.

„Впрочем, тоа често така се први и е многу позитивен чин на зближување на нациите“, вели тој за Гласот на Америка.

Реџепи се потсетува дека и во Скопје, некои улици и институции носат имиња на држави или градови, изразувајки на тој начин благодарност за подадената рака после силниот земкотрес кој го погоди градот во 1963 година.

„Затоа ние во Скопје сè уште имаме поликлиника Букурешт, улица Финска, и други слични јавни објекти или улици, а сè со цел да се искаже благодарност до земјите, градовите или нациите кои донирале, но и да остане забележано со децении подоцна кои биле најсолидарните нации. Замислете ја таа гордост на секој еден македонски граѓанин кој минувајќи низ Малатја ќе се сети дека има такво училиште, па го посети и биде топло примен од благодарните домаќини. Во тие моменти гордо се сеќаваме на солидарноста. Се сеќаваме дека меѓу првите пративме спасувачи, хуманитарци и десетици шлепери хуманитарна помош, дека повторно сме ги посетиле по неколку месеци со дополнителна помош, и дека на крај зад сето тоа ќе остане едно училиште со името на една братска солидарна држава и повеќето нејзини градови“, додава Реџепи.

Земјотресот кој беше со јачина од 7,8 степени според Рихтер, се смета за најсмртоносниот во историјата на Турција.

XS
SM
MD
LG