Во услови на зголемен број жртви од израелските воздушни напади за кои Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, вели дека надминало 7.000, американскиот претседател Џо Бајден рече:
„Не знам колку Палестинците ја кажуваат вистината за тоа колку луѓе се убиени. Сигурен сум дека се убиени невини но, тоа е цената за водење војна“.
Изјавата ги налути американските Арапи, муслиманите и другите кои веќе протестираа против справувањето на Бајден со војната во Газа.
„Ова е апсолутно шокантно и нехумано. Дали претседателот би се чувствувал подобро ако загинат само 1.000 палестински деца?“, реагира Роберт Мекоу од Советот за американско-исламски односи.
И демократите се лути. Девет членови на Конгресот, главно од прогресивното крило на Демократската партија на Бајден, гласаа против резолуцијата со која се поддржува Израел и се осудува Хамас, бидејќи не жали за загубата на палестинските животи.
Различни анкети покажуваат дека повеќе Американци сочувствуваат со Израелците отколку со Палестинците, иако помладите Американци се поделени.
Американските Евреи, многу важна група во однос на гласовите и придонесите за Демократската партија, има речиси универзални пофалби за претседателот Бајден и начинот на кој тој се справува со оваЛари Сабато, Универзитет на Вриџинија
„Американските Евреи, многу важна група во однос на гласовите и придонесите за Демократската партија, има речиси универзални пофалби за претседателот Бајден и начинот на кој тој се справува со ова“, вели Лари Сабато од Центарот за политика од Вирџинија.
Републиканците во Конгресот се сè поскептични за посветеноста на Бајден да финансира странски војни, вклучувајќи го и новоизбраниот претседател на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој е наклонет кон Израел, но е против испраќање повеќе пари во Украина.
„Првата помош што ќе ја донесам ќе биде поддршка за нашиот драг, драг пријател Израел. Иако е задоцнета“, изјави Џонсон.
Уделот на гласачите кои го одобруваат справувањето со ова прашање од страна на Бајден се зголеми за девет проценти, веднаш по нападот на Хамас врз Израел.
Како војната во Газа ќе влијае на кандидатурата за реизбор на Бајден во 2024 година, ќе зависи од тоа дали конфликтот може да се ограничи. Во соседен Либан, се интензивираа прекуграничните напади меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран.
„Ако директно се вклучиме во овие војни, да, Бајден ќе изгуби. Но, сè додека тој ги држи американските трупи надвор од линијата на огнот, мислам дека тоа нема да биде ни приближно контроверзно. Не мислам дека тоа ќе биде главен фактор за гласовите на луѓето“, додава Сабато од Универзитетот во Вирџинија.
Сабато посочи уште еден клучен фактор - дали палестинските смртни случаи може да се минимизираат и да се достави хуманитарна помош.