Војната во Украина и последните случувања со Израел може да имаат негативни ефекти врз економијата и геополитичките односи, во интервју за Гласот на Америка вели професор д-р Синиша Наумоски, извршен директор на Академијата за банкарство АБИТ. Тој додава дека македонската економија е исклучително зависна од случувањата во европската економија, конкретно со Германија.
„Ние сме земја во развој која е директно зависна од моторот на Европа, Германија. Сојузна Република Германија во последниве периоди и во третиот квартал за 2023 година, а најверојатно и во последниот квартал паѓа на 0.2 проценти. Дополнително ќе има пад на економијата на германското БДП со 0.1 отсто и тоа ќе биде според мене и според меѓународниве стручни истражувачи, период каде што треба со внимание да ја следиме таа рецесија во Германија затоа што и директно ќе се почувствува во македонската економија“, вели Наумоски.
После војната во Украина, германската економија веќе оди во блага рецесија, вели Наумоски. Губење на пазарите со Кина и источните земји ја доведува германската економија во ризик, н уште поголемо внимание треба да се обрати на војната во Израел и можноста од прелевање на кризата во регионот.
„Јас сум оптимист по тоа прашање и во контактите со некои бизнис релации од таму, мислам дека војната нема да се прошири во регионална рамка, што значи дека Иран нема да влезе во палестинско-израелскиот конфликт. Влегувањето на Иран во тој конфликт значително може да влијае на цената дури до 150 долари по барел нафта и тоа сигурно ќе направи огромно влијание и врз глобалната стапка на инфлација, дури прогнозите се донекаде да се движи и до 7 проценти ако влезе регионално во конфликтот и глобалниот раст да се симне на 1.7 проценти. Ние би се вратиле на глобални рамки, зборувам за светската глобална економија, на нивото од 1982 година кое што е блиску до нула или рецесија“, вели Наумоски.
Конфликтот во Израел треба да се смири и да не се прелее регионално и е од суштинско значење не само за регионот туку и пошироко.
„Не треба да заборавиме дека Израел е држава која во најголем процент ја снабдува Европа со гас, додека со руско-украинската војна, ЕУ потпиша договор преку Израел да се движи гасот низ тие коридори да влезе преку Грција и Европа и да се снабдува со гас. Сега Израел драстично ги замрзна тие извозни капацитети, не се движи преку Египет и тоа исто така е ризик за ЕУ. Верувам дека мојата препорака не е загрижувачка, бидејќи јас сум оптимист дека нема да се прошири, силно сум убеден и моите информации дека нема да има регионален конфликт на Блискиот Исток, нема да бидат донесени овие глобални варијабли во ризик“, вели тој.
Неговите анализи и мислења се совпаѓаат со проекциите на Светска банка и како што вели тој, многу е важно да го анализираме процентот на исполнителност на капиталните инвестиции и тоа е можеби моторот за исполнителноста или за одржливиот раст кој се предвидува да биде околу 2.5 до 3 проценти во 2025 година.
„Мислам дека инфлацијата согласно Европската централна банка и американските федерални резерви ФЕД ќе се сведе на 2 проценти. Пред еден месец имаше интервју на претседателот на ФЕД и во неговото излагање рече дека јадрото на инфлацијата е покачено и дека борбата да го симнеме на 2 проценти ќе биде долгорочна и тоа би се случило некаде на крајот на 2024 и почеток на 2025 година. Токму такви се и прогнозите на Светска банка“, рече Наумоски.
Според последниот извештај на Светска банка највисок раст се очекува следната година во Косово, во Албанија и во Црна Гора, следуваат Србија и Босна и Херцеговина додека најдолу на листата е Северна Македонија со очекуван раст на бруто домашниот производ од 2,8 отсто.