Линкови за пристапност

Договорот со “Бехтел и Енка“ останува, Владата ќе бара повеќе километри за истите пари


Вицепремиерот Николовски дециден дека државата ќе загуби пари ако се раскине договорот и инсистира да биде декласифициран. Тврдењата за криминал во опозициските денови и предизборието остава да ги испита Обвинителството. .

СКОПЈЕ – „Недомаќински и душмански ќе биде кон македонскиот буџет јас сега да го раскинам договорот, а тие средства се веќе кај изведувачот и не може да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и веројатно да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра на македонските граѓани, а да немаме ни километар автопат“. Ова е ставот на вицепремиерот за економски прашања и министер за транспорт и верски, Александар Николовски, околу евентуалното раскинување на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10-д.

Според Николовски договорот треба да биде декласифициран, Владата мора да се обиде да добие повеќе километри за истата сума а обвинувањата за криминал од предизборието и опозициските денови треба да ги испита Обвинителството.

Тој имал средба со претставници на компанијата и го соопштил ставот на Владата дека класификацијата „државна тајна“ за договор е непотребна. Сепак додава дека за декласификација потребна е согласност од двете страни.

„Договорот е класифициран како државна тајна што според моето скромно правничко познавање на оваа материја мислам дека не е согласно закон затоа што е многу јасно во Македонија што може да се класифицира како државна тајна. Претпоставувам дека идејата на партнерот на другата страна била да се потпише еден класичен договор во којшто не се изнесуваат детали на конкуренцијата, но тоа е една работа, а сосем друга работа е да потпишете договор државна тајна што создаде магла околу договорот. За жал, како е поставен договорот, мора двете страни да дадат согласност за оваа работа и се надевам дека ќе дадат согласност да го декласифицираме и јавноста да го види“, изјави Николоски.

Иако во предизборието премиерот Христијан Мицкоски најавуваше две опции – репреговарање или раскинување на договорот сега фокусот на претставниците на Владата е да најдат начин како за договорената сума од 1,3 милијарди да се добие километар повеќе автопат во државата.

„ Тоа ќе биде нашата главна битка во годините што следуваат - да добиеме повеќе километри автопат во рамки на истата финансиска сума која што е договорена, а исто така јавноста треба да знае дека претходната влада на СДСМ и ДУИ веќе има исплатено 240 милиони евра на изведувачот за буквално ништо, односно за т.н. подготвителни работи што не ги гледаме“, рече Николовски.

Со реакција се јави опозициската СДСМ од каде соопштија дека од изјавите за „историски криминал“ на премиерот Мицкоски не останало ништо и дека тој ќе го реализира договорот.

ВМРО – ДПМНЕ во изминатиот период често јавно обвинуваше за криминал поврзан со договорот со „Бехтел и Енка“, Николовски вели дека на потег е Обвинителството а доволно наводи имало во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Во извештајот стои дека заклучно со декември минатата година има отстапка од планираната и најавена динамика за градба а Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас за избор на фирма за надзор за изградбата на Коридорите 8 и 10-д.

Договорот со „Бехтел и Енка“ беше потпишан на 8 март минатата година а во него е предвидено изградба на делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан на Коридорот 8 како и делницата Прилеп – Битола на Коридор 10-д.

Во мај минатата година Владата контроверзно и под превезот на „европското знаменце“ во собранието истурка измени во пет закони сите поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ што предизвика голем број на реакции кај стручната јавност и граѓаните.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG