Линкови за пристапност

Почна чистењето на мините во Демилитаризираната зона меѓу Јужна и Северна Кореја


Тимови од армиите на двете Кореи започнаа да ги чистат мините и неексплодираните бомби на локација каде се воделе клучни битки во времето на Корејската војна и каде се планира да се изврши ексхумација на убиените војници.

Проектот започна да се спроведува пред една недела и треба да продолжи се` до крајот на ноември кога заради ладното време ќе престанат работите.

Тимот од Јужна Кореја составен од 120 члена ги отстранува нагазните мини на Ридот 281 кој се наоѓа околу 90 километри североисточно од Сеул.

Командант на армија на Јужна Кореја за новинарите изјави дека локацијата не е минско поле каде намерно биле поставени мини, туку била бојно поле и дека тие очекуваат да пронајдат мини и неексплодирани бомби.

На ова локација за време на Корејската војна се одиграле три клучни битки. Се претпоставува дека на ридот има останки од повеќе од 200 јужнокорејски војници и останки од припадници на силите на Обединетите нации.

Командантот вели дека биле распоредени екипи за уништување на експлозивни средства со цел отстранување на мините и бомбите. Тој додава дека исто така е распореден и друг тим, во случај да бидат пронајдени човечки останки.

Напорите се дел од сеопфатниот воен договор потпишан во Пјонгјанг минатиот месец од страна на министрите за одбрана на Северна и Јужна Кореја кои повикаа на запирање на „сите непријателски дејства“ и трансформирање на Демилитаризираната зона во „мировна зона“.

Во периодот меѓу април и октомври 2019-та година двете Кореи ќе разменат останки од загинатите војници. Овие мерки се дел од напорите за подобрување на односите меѓу двете држави, а беа договорени на самитот меѓу лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун и претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG