Линкови за пристапност

Џонсон со 60 конгресмени денес во посета на мексиканската граница


Тексас (АП) - Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, денес однесе 60 свои колеги републиканци од Конгресот во посета на мексиканската граница, по нивното барање за имиграциска политика во замена за поддршката на барањето на претседателот Џо Бајден за итно финансирање за Украина за време на војната. Патувањето до Игл Пас, Тексас, доаѓа откако преговарачите во Сенатот бараат решение со надеж за двопартиски договор.

Со бројот на илегални преминувања во САД, над 10.000 мигранти во неколку дена само минатиот месец, пограничниот град беше во центарот на операцијата „Осамена ѕвезда“ на републиканскиот гувернер Грег Абот, негова иницијатива вредна речиси 10 милијарди долари која го тестираше авторитетот на федералната влада за имиграцијата и ја подигна политичката борба околу ова прашање.

Договорот во Вашингтон ќе даде зелено светло и поддршка на Републиканската партија за пакетот помош вреден 110 милијарди долари на Бајден за Украина, Израел и другите безбедносни приоритети на САД. Се прават напори да биде постигнат напредок пред Конгресот да се врати на работа во Вашингтон следната недела.

Не е познато дали Џонсон, кој повика на „трансформациони“ промени на граничните и имиграциските политики, би прифатил двопартиски договор од Сенатот.

Демократите велат дека законот е „суров“ и „антиимигрантски“, а Бајден најави вето.

Како и да е, претседателот изрази подготвеност да направи компромиси во политиката бидејќи историскиот број мигранти кои ја преминуваат границата е зголемен предизвик за неговата кампања за реизбор во 2024 година. Секретарот за домашна безбедност Алехандро Мајоркас и персоналот на Белата куќа беа вклучени во преговорите во Сенатот.

XS
SM
MD
LG