„Јасно е дека главен извор на закана во овој дел од светот се дезинформациите генерирарни од Русија“.
Тоа е проценката на Џејмс Рубин, човекот одскоро назначен да ги координира активностите на Стејт департментот во справувањето со дезинформациите. Проценката на Рубин, кој е во посета на Западен Балкан, е дека регионот е под силно влијание на манипулации и, како што вели лаги, кои ги шират структури поврзани со Русија и со Кина.
„Би кажал дека просторот овде е сериозно „затруен“ пред се од руски дезинформации. Претседатело Путин мислеше дека може да ја освои Украина и да ја подели Украина, но не успеа. Но, тоа не значи дека Русија не продолжува да го шири `отровот` на дезинформација и поделби“, рече тој.
За оваа ситуација денеска разговарал со премиерот и со министерката за одбрана. Вели дека е добро што владиниот врв е свесен за овие проблеми и во земјава. Рубин најави засилена соработка меѓу Вашингтон и Скопје, пред се на техничко ниво, но и споделување на американското искуство не само во борбата против дезинформациите и лажните вести, туку и откривање на изворите. Рубин, смета дека Србија е една од главните „бази“ од каде тргнуваат дезинформациите и манипулациите поврзани со регионот. Тврдењето го аргументира со фактот што руски медиуми, поддржувачи на Кремљ, се уште функционираат во Србија. Ваквото влијание, според него, има ефект и врз дијалогот Прштина-Белград.
Не сакаше да зборува за процесот на уставни измени и дали тоа може да биде цел на дезинформации, запознат е со политичките тензии меѓу Скопје и Софија кои можат да бидат пречка на патот на Северна Македонија во пристапувањето кон ЕУ.
„Сигурен сум дека има луѓе во регионот и во Кремљ кои не сакаат напредок во процесот што ќе и овозможи на Северна Македонија да оди напред кон ЕУ. Сигурен сум дека седат некаде и размислуваат што да преземат за да направат проблем и се што можам да кажам дека овдешната влада ќе соработува со нас за да се создаде поширок општествен пристап кон справувањето со дезинформациите, како институции, закони, стандарди“, додава Рубин.
Рубин, дезинформациите ги нарекува „нова дисциплина“, за која се потребни и нови решенија и тие треба да се бараат низ заедничка соработка на земјите кои сакаат да се справат со овие појави.