Битката за промена на Уставот се сели и на процедурален терен - Талат Џафери и опозицијата на различни начини го читаат Деловникот. ВМРО - ДПМНЕ смета дека прекинувањето на петочната пленарна седница на Собранието по завршувањето на расправата, без да се продолжи со гласање за првата фаза од измена на Уставот – чекор за кој треба 80 пратеници, е јасно прекршување на процедурата и на Деловникот. Опозицијата аргументира дека претседателот на Собранието требал да ја води седницата по други членови.
„Според Деловникот гласањето мораше да се случи во петокот кога беше завршен претресот и кога имаше кворум. Џафери го примени членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измена на закон и други акти, а не за измена на Устав, за што има и посебна глава во Деловникот. Наместо тоа, Џафери мораше да ги примени членовите 95 и 96 од Деловникот, според кои не смее да го одложи гласањето за измена на Уставот“, вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Она што за ВМРО-ДПМНЕ е прекршување, за Џафери е спротивното – доследно спроведување на Деловникот. Тој денеска, на прес-конференцијата, со себе го зеде и Деловникот од кој, во своја одбрана, читаше конкретни членови и ставови.
„Член 81, став 1 - Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници потребно за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно. Во став 5 пишува дека времето за продолжување на прекинатата седница го определува претседателот на Собранието и никој друг. Тоа се дискрециони права на претседателот на Собранието“, рече Талат Џафери.
Се уште е нејасно дали и кога Џафери ќе свика продолжување на оваа седница зашто во петокот стана јасно дека власта нема двотретинско мнозинство потребно за заокружување на процесот. Сепак, од владејачката коалиција велат дека оваа, како што ја нарекуваат блокада, ќе ја надминат. Како - не кажуваат.
„Проевропскиот блок на чело со СДСМ ќе направи се за да ја пробие блокадата. Процесот на уставни измени во македонското собрание само што започна. Моментално над 70 пратеници го поддржуваат, ќе продолжиме да работиме за обезбедување потребно мнозинство“, рече Мартин Костовски од СДСМ.
Прашањето за уставните измени и епилогот од петочната собраниска седница се очекува да се отвори и на вечерашниот состанок меѓу премиерот Ковачевски и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, за време на неформалниот состанок ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Атина. Во меѓувреме, во Скопје, дел од дипломатите се среќаваат со лидерот на опозицијата. Мицкоски, на германската амбасадорка Дрекслер, како што соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш и го повторил ставот на партијата дека нема да поддржи уставни измени под „бугарски диктат“.