Линкови за пристапност

Културната разноликост нè обврзува на дијалог


Нашиот најсилен адут за мир и соживот се традиционално добрите меѓуверски односи, изјави директорот на Комисијата за односи со верски заедници Даријан Сотировски

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, по повод 21 Мај, Светскиот ден на културна разноликост, дијалог и развој, годинава, од 13 мај до 21 мај, за првпат ја реализира манифестацијата „Недела на заедничка молитва“, преку организација на настани во неколку градови во Македонија, чија цел е поттикнување на соработката и дијалогот меѓу верските заедници, за стабилен и одржлив процес на градење доверба и пријателство.

„Реализирањето на програмата ‘Недела на заедничка молитва’ е над сите очекувања. Како претставник на државата видов многу искрено посветени верски лица - како се ангажираат во активностите. Добивме поддршка и од многу граѓани со кои бевме во интеракција изминатава недела. Сепак, ова е прва ваква недела, па ни претстои и понатамошна работа и промоција. На Светскиот ден на културна разноликост, дијалог и развој - 21 Мај, ќе организираме прием за претставниците на сите 36 верски заедници од државата, на кој ќе се обрати и премиерот Зоран Заев“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) м-р Даријан Сотировски.

Под симболичното име „Заедничка молитва“, Комисијата низ разни активности промовира заедничка грижа - за младите, за социјално ранливите категории граѓани и за животната средина, меѓусебно запознавање и изразување на почит како начин преку кој верските заедници на дело ја покажуваат определбата за градење на општество на вистински човекови вредности, на соживот и напредок.

„Деновиве од печат излезе и изданието на КОВЗРГ, книгата ‘И тие се тука’, водич низ учењата на помалку застапените верски групи, со цел да се едуцира јавноста, бидејќи каде што има знаење, нема простор за стереотипи! Културната разноликост нè обврзува на дијалог, а дијалогот е основен предуслов за општествен развој“, потенцираше Сотировски.

„Како Комисија имаме амбициозна визија за стабилна општествена кохезија, гледано од аспект на меѓуверските односи. Доминантен дел од населението во државата е религиозен, а верската сфера е најчувствителна за граѓаните. Верниците негуваат меѓусебна почит, без разлика на нивната вероисповед. Нашиот најсилен адут за мир и соживот се традиционално добрите меѓуверски односи“, изјави Сотировски.

„Денот на разноликоста“ е замислен како можност за заедниците да ја толкуваат и разберат вредноста на културната разновидност и да ја зајакнат свеста кај луѓето за вредноста на хармоничното живеење заедно.

Во рамките на манифестацијата „Недела за заедничка молитва”, Комисијата на 13 мај организираше трибина на тема „Младите и религијата“ на која пред претставници на верските заедници и религиозни групи, универзитетски професори, претставници на младински организации и студенти беа презентирани резултати од спроведеното истражување на јавното мислење врз младата популација во Скопје за прашања од верска природа. Следниот ден, претставници на верските заедници и религиозни групи, претставник на локалната власт и почесните конзули на Австрија и Босна и Херцеговина, со директорот на Комисијата ги посетија верските објекти во Битола и спомен - собата на Мустафа Кемал Ататурк. На 15 мај беше организирана посета на Прифатниот центар за мигранти во Гевгелија, при што Комисијата и локалните претставници на верските заедници донираа опрема за Детско катче во центарот. Претставници на верските заедници и на верските хуманитарни организации организираа и заеднички хуманитарни акциј, со посета на социјално ранливи семејства и категории и доделување донации во храна и облека во Куманово и Шуто Оризари.

Светскиот ден на културна разноликост, дијалог и развој – 21 Мај е востановен од Обединетите нации – како ден за промоција на прашањата поврзани со разноликоста. Генералното собрание на ООН го прогласи овој ден за своевиден празник на различноста, според Декларацијата на УНЕСКО за културна разноликост од ноември 2001.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG