Работев до пред породување; Доживеав неколку спонтани абортуси; Се породив предвреме. Тоа се само дел од изјавите што ги дале македонски земјоделки кои поради тоа што сè уште немаат право на платено породилно отсуство, се изложиле себе си на ризик во текот на бременоста.
Овие сведочења ги пренесе Марина Тошеска од невладината платформа „ЛАГ Агро лидер“. Тоа е една од повеќето организации што се залагаат за носење системско решение со кое на земјоделките ќе им се обезбеди регуларно платено породилно отсуство.
„Како држава во која земјоделството ни е стратешка гранка, не смееме да заборавиме дека е најважно на земјоделците да им овозможиме пристап до универзалните човекови права, како што е мајчинството“, вели Тошеска.
Дека земјоделките се изложени на неправда, укажуваат и од Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата. Од таму го посочуваат и самиот Закон за здравствено осигурување како своевидна причина за подолготрајна дискриминаторска состојба.
Законот за здравствено осигурување ги исклучува индивидуалните земјоделци во остварување на правото на платено породилно отсуствоАнастасија Муратовска, Комисија за заштита од дискриминацијата
„Законот тоа го прави со исклучување на индивидуалните земјоделци во остварување на правото на платено породилно отсуство и правото на платено боледување“, вели Анастасија Муратовска, од Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата.
Во февруари годинава Владата донесе Програма за поддршка за социјална сигурност на земјоделките. Програмата, на име мајчинство, опфаќа парична помош, по 9.000 денари во период од девет месеци. Но, дел од невладините организации велат дека оваа програма е дискриминаторска.
Ја прашувам Владата, зошто е овој нееднаков третман, зошто се овие построги критериуми кон земјоделкитеДрагана Дрндаревска, Коалиција Маргини
„Сите останати работнички, самовработени лица, само поради тоа што биле шест месеци осигурани, го стекнуваат правото на платено породилно отсуство. За разлика од нив, согласно ‘Програмата’, овие жени (земјоделките) треба да исполнат и други критериуми. Наместо шест, дванаесет месеци. Ја прашувам Владата, зошто е овој нееднаков третман, зошто овие построги критериуми кон земјоделките“, вели Драгана Дрндаревска, од Коалиција Маргини, Мрежа за заштита од дискриминацијата.
Дрндаревска упатува критика и за критериумот што бара од земјоделките да остварат приход од 100.000, односно 300.000 денари. Невладините не се согласуваат ниту со предвидената сума од 9.000 денари месечно.
„Бараме тоа да биде минималната плата, бидејќи сметаме дека тоа е единствен минимален достоинствен износ којшто може да им се овозможи на овие жени“, додава Дрндаревска.
Сепак, од Министерството за труд и социјална политика, не го прифаќаат ставот на невладините дека донесената Програмата за поддршка на земјоделките е дискриминаторска.
Се работи за мерка која е во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажитеЕлена Грозданова, Министерство за труд и социјала
„Напротив, може да кажеме дека се работи за мерка која е во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажите. И всушност овие се афирмативни мерки, да се заштитат (земјоделките родилки, н.з.) додека не се најде соодветно системско решение“, вели Елена Грозданова од ресорното министерство.
Според укажувањата од министерството, пoстојат повеќе законски пречки поради кои сè уште не е изнајдено трајно решение.
„Тие немаат воспоставено работен однос ‘работодавач – работник’, и затоа не можат да бидат дел од законот за работни односи. Тоа значи дека и согласно Законот за здравствена заштита, не можат да бидат внесени во нивниот Закон, зашто Законот за здравствена заштита само врши услуга на тие корисници коишто се осигурани преку овој Закон за работни односи“, објаснува Грозданова.
Според податоците од Министерството за земјоделство, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во 2022 година биле евидентирани 1.075 жени со статус индивидуален земјоделец. Невладините и натаму инсистираат да се изнајде трајно решение и велат дека тоа нема да влијае врз државниот буџет.
„Според податоците на Фондот за здравствено осигурување, на 1.000 осигуренички, во просек 37 користат породилно отсуство на годишно ниво. Ние зедовме повисока бројка, односно 48. Така, ако во текот една година, 48 осигуренички би сакале да го користат правото за породилно отсуство, во висина на минималната плата, тогаш тоа државата би ја чинело околу десет милиони и 356 илјади денари, што е 0,002 проценти од буџетот на државата и од буџетот на Фондот за здравствено осигурување“, посочува Тошеска.
Од Министерството за труд и социјала уверуваат дека спроведувањето на програмата за парична поддршка на земјоделките што стануваат мајки ќе продолжи и во иднина. Тоа, како што објаснија, ќе биде така додека не се најде трајно законско решение со кое и тие жени ќе добијат регуларно платено породилно отсуство.
Facebook Forum