Линкови за пристапност

Степенот на развиеност на општеството се гледа по односот кон лицата со посебни потреби


Не можеме и не смееме да го игнорираме нивното присуство, изјави за Гласот на Америка директорот на „Паркови и зеленило“ Ардија Муча, кој инцираше едномесечна кампања за нивна инклузија во општеството

„Најмалку што можам да направам е со својот личен пример и влијание да придонесам за подигнување на свеста и односот на нашите сограѓани кон лицата со посебни потреби и за нивно активно вклучување во општествените текови. Раководејќи се од начелото на хуманост, човечност и добрина, тука сум за целосно да ги поддржам и да им помогнам во рамки на моите можности, бидејќи тие, според ниту еден критериум, не се помалку вредни од нас“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Ардија Муча, директор на претпријатието „Паркови и зеленило“.

На негова иницијатива, претпријатието минатиот месец, ангажираше јавни личности за снимање на видео спот за едномесечната кампања за кревање на свеста во македонската јавност за лицата со посебни потреби/попреченост, и за нивниот статус во општеството.

„Подај рака и ти, затоа што со твоја помош тие можат да успеат. Започнуваме месечна кампања за лицата со посебни потреби/преченост, со цел да покажеме дека сите ние можеме да пронајдеме некој начин за да им помогнеме на овие лица. А каква помош би била таа зависи од вас. Сакајте ги и помогнете им исто како секој ден да е 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби“, порачаа на почетокот на кампањата организаторите на акцијата, кои изразија благодарност и почит кон сите кои го поддржаа проектот и дадоа свој придонес.

А поддршката, преку учество во спотот и проектот ја дадоа, покрај директорот Муча, и градоначачникот на Скопје Петар Шилегов, јавните личности и организации, меѓу кои поранешниот НБА кошаркар Перо Антиќ, Флакрон Алиу, „Го сакам виножитото“ („Dua yilberin“), ПОУ „Иднина“, Снежана Лупевска Созен, Дијана Тоска, Црвен крст на град Скопје, Љуљета Адеми, „Why Creative“, Суад Зендели, Мерсиха Смаиловиќ, Едира Дестани, Решад Османи, Мевлуде Тачи...

Спотот е снимен по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби/попреченост, а популарните личности, главно, со задоволство ја прифатија поканата за учество во сминањето на спотот и за промовирање на проектот.

„За реализација на проектот не потрошивме ништо - 0 денари. Ние, како фирма, имаме фотограф и еден обичен апарат за фотографирање, и со него снимавме сè. Идејата, текстот, луѓето, локациите, сè беше обезбедено од наша страна, без да бараме помош однадвор. Што се однесува до јавните личности, имаше луѓе кои бараа хонорар, но, ние од нив се откажавме и продолживме понатаму. Контактиравме други личности и познатите личности кои се дел од спотот, веднаш без двоумење ја прифатија идејата, со позитивен одговор дека секако нема да барат пари за овој прекрасен проект. И на крајот, добивме еден спот со многу љубов, надеж, поддршка и простор за да бараме повеќе права за лицата со посебни потреби“, изјави Муча.

Во тој контекст е и изјавата која ја добивме од познатата активистка Мерсиха Смајловиќ од НВО „Легис“.

„Ја прифатив поканата на директорот Муча, да бидам дел од видеото со кое ќе започне едномесечната кампања по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Всушност, токму тоа најмногу и ми се допадна, не само еден ден, туку цел месец оваа институција да се труди да ја крева свеста кај населението за потребата да бидеме дел од животот на овие прекрасни луѓе кои живеат заедно со нас. Јас верувам и се радувам што започнуваат процесите на нивна инклузија во повеќето сегменти во системот, затоа што сум убедена дека само здружено ќе изградиме општество за сите, но, и со целосно интегрирање на овие лица во истото. Некој/а е посилната, а некој/а е послабата карика во овој систем, но секој/а од нив, има вредности и способности со кои еден друг се надоградуваме, поддржуваме, охрабруваме, инспирираме“, изјави Смајловиќ.

Смајловиќ додаде дека „не треба да го чекаме 3 Декември за да се сетиме на нашите пријатели. Ние имаме потреба од нив секој ден, тие имаат потреба од нас секој ден. Државата ја има обврската на секој граѓанин да му овозможи исти можности и прогрес како би можел да ги исполни своите права, но, тоа не значи дека ние сме изземени од истата обврска во согласност со нашите можности. Тоа значи да бидеме гласни во давањето поддршка на лицата со посебни потреби, да го помогнеме процесот на инклузија во текот на целата година и во секој сегмент од животот. Па, се надевам дека и другите институции ќе го следат овој прекрасен пример на директорот Ардијан и ќе се вклучат во оваа кампања“.

На прашањето за односот на граѓаните кон процесот на вклученост на лицата со посебни потреби во македонското општество, и за тоа колку институциците ги исполнуваат своите обврски, Муча одговори:

„Секое современо демократско општество треба максимално да се заложи за целосна инклузија на лицата со попреченост, да ги поддржува и да им помага. Впрочем, степенот на развиеност на општеството најмногу се гледа по односот кон луѓето со посебни потреби. И снимањето на видеото го реализиравме со цел да ги мотивираме луѓето и институциите во нашето општество да преземат активности за да им се помогне и тие да ги развијат своите потенцијали и да се реализираат како активни членови на општествот“.

А за неговите лични заложби на овој план, тој потенцираше дека „снимањето на видео записот е уште едно продолжување во континуитетот на моите заложби за подобрување на условите за живот и кревање на свеста за овие лица, за што сум особено горд. Дали ќе имаме други активности? Јас, како директор на ЈП ‘Паркови и зеленило’, еднаш месечно се гледам со нив, доаѓаат кај мене во канцеларија, зборуваме за зеленилото, садиме цвеќе и така се дружиме и учиме како да ја чуваме животната средина“.

Македонија на 30 март 2007 ја потпиша, а на 5 декември 2011, ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби/попреченост, како прв меѓународно правен и обврзувачки инструмент со кој се утврдуваат минимум стандарди за нивните права.

Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби/попреченост ќе го одбележи и Владата преку завршната конференција од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција", што го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, финансиран од Европската Унија, а на која ќе се обратат премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар и министрите за труд и социјална политика, здравство и за образование и наука Мила Царовска, Венко Филипче и Арбер Адеми.

Премиерот Заев на неговиот Фејсбук профил напиша дека „лицата со попреченост имаат право на еднаквост и недискриминација, слобода на движење, самостојно живеење, образование, пристап до стоки и услуги, вработување, правен капацитет, пристап до правда, здравство, политичко учество, вклучително и правото да гласаат и да бидат гласани на избори. Со одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со посебми потреби/попреченост, го потврдуваме нашиот стремеж за нивно целосно вклучување во општеството, бидејќи попреченоста е прашање на перцепција“.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, при посетата на државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје изјави:

„Денес, прво треба да си го поставиме прашањето дали попреченоста е причина за правење разлики меѓу нас, луѓето. Лично сметам дека попреченоста не е основа за разлики, туку е основа за сличност, бидејќи сите ние сме слични меѓу себе, поради една едноставна причина - никој од нас не е совршен“.

Обраќајќи им се на присутните, Пендаровски потенцираше:

„Пораката што сакаме да ја испратиме е дека сите вие треба да имате можност активно да се вклучите во носењето одлуки и креирањето политики, особено оние кои се однесуваат на вас. Само така, ќе успееме доследно да ги постигнеме целите за одржлив развој 2030 година. Дел од тие цели е и целосна инклузија на лицата со попреченост како неотуѓив дел од нашето општество“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG