Линкови за пристапност

Димитар Ковачевски носител во „единица“, СДСМ ги објави носителите и коносителите на пратеничките листи


Спасовски во „двојка“, Лукаревска во „тројка“, Филипче во „четворка“, Митрески во „петка“, Петровска во „шестка“. Претседателот на партијата Димитар Ковачевски очекува двојна победа на претстојните избори

СКОПЈЕ – Владејачката СДСМ на денешниот 28 Конгрес ги соопшти носителите и коносителите на официјалните листи за пратеници на претстојните парламентарни избори. Листи прво ги минаа партиските филтри односно Централниот и Извршниот одбор каде беа дефинирани сите 120 кандидатски места. Очекувано, партиското раководство ќе биде носител на листите во сите шест изборни единици.

„СДСМ на овие избори ќе понуди луѓе кои ќе ги застапуваат интересите на граѓаните и ќе го забрзаат развојот на државата“, рече Ковачевски пред присутните сопартијци на Конгресот.

Димитар Ковачевски 28 Конгрес на СДСМ
Димитар Ковачевски 28 Конгрес на СДСМ

Во својот говор, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски најави победа на парламентарните и претседателските избори.

„Од овде почнува победата! Победа на СДСМ на претстојните парламентарни и претседателски избори! Победа на надежта и борбата за подобра, европска иднина. СДСМ ќе ја добие довербата на граѓаните да ја формира новата проевропска влада на Македонија! Стево Пендаровски ќе биде реизбран за претседател на државата“ – рече Ковачевски

Очекувано, Ковачевски ќе ја предводи листата во Изборната единица (ИЕ) 1, а на второто место односно коносител е претседателката на Либерално Демократската партија (ЛДП) Моника Зајкова.

Во изборната единица два (ИЕ) 2 носител е поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а коносител ќе биде актуелниот вицепремиер за економски прашања и потпретседател на партијата Фатмир Битиќи.

Во третата изборна единица (ИЕ) 3 носител на листата кандидати за пратеници ќе биде заменик претседателката на СДСМ и директор на УЈП Сања Лукаревска а на второто место е министерот за земјоделие, Љупчо Николовски.

Како што и неофицијално беше најавено поранешниот министер за здравство Венко Филипче се враќа во политиката и ќе бие носител на листата во изборната единица четири (ИЕ) 4. Второто место на листата е за Јована Тренчевска дополнителен заменик министер во труд и социјална

Очекува во петата изборна единица (ИЕ)5 прв на пратеничката листа на гласачкото ливче ќе биде актуелниот собраниски спикер Јован Митрески а коносител ќе биде потпретседателката на СДСМ и министер за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Во шестата изборна единица (ИЕ) 6 министерката за одбрана Славјанка Петровска е на првото место а коносител е Агрон Демири.

Потпретседателот и директор на Царинската Управа, Стефан Богоев, како и потпретседателот и градоначалник на Валандово Перо Костадинов, не се најдоа на првите две позиции на кандидатските листи на СДСМ.

Претседателот на партијата Димитар Ковачевски, во своето обраќање пред присутните на Конгресот соопшти дел од изборната програма за која кажа дека е напишана на над двесте страници. Влез во ЕУ до 2030 година, просечна плата од 1.100 евра и минималната плата во висина од 600 евра како и неселективна борба против корупцијата се клучните постулати во изборната програма.

„Во наредните четири години просечната плата ќе достигне рекордни 1.100 евра, а минималната плата ќе изнесува 37.000 денари. Во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари. Од оваа година, па секоја наредна ќе има новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата. Новата влада на СДСМ ќе обезбеди по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години. Со новата програма се обезбедуваат уште поголеми субвенции и поддршка за нашите земјоделци од 750 милиони евра. Еден од проектите е бесплатен топол оброк за учениците во основните и средните училишта. Бесплатен јавен превоз за сите ученици и студенти“, рече Ковачевски пред присутните на Конгресот.

Според неофицијални информации седниците на Извршниот и на Централниот одбор на партијата, на кои се утврдуваа носителите и коносителите на листите но и редоследот на кандидати имало незадоволство и реакции на дел од присутните и од членството а дел од присутните високи функционери наводно и си заминале од состаноците. Дел од медиумите тврдат дека актуелниот пратеник и портпарол на партијата Дарко Каевски самиот побарал да биде тргнат од листата незадоволен бидејќи му било доделено седмото место на листата во првата избирачка единица.

Токму тој по состаноците на двете партиските тела изјави дека станува збор за дезинформации.

„Апсолутно се неточни тие информации. СДСМ е обединет и денес ќе покаже дека има вистински луѓе“, изјави Каевски.

Утре опозициската ВМРО – ДПМНЕ ќе ја презентира изборната програма и повеќе од извесно е дека во „кецот“ ќе биде двобојот меѓу лидерите Ковачевски и Мицкоски.

XS
SM
MD
LG