Димче Исаиловски, афирмиран уметник од Македонија четири години престојуваше во Канада. Иако официјално во својство на сопружник на дипломат, тој неофицијално беше сметан за претставник на македонската култура. Запрашан како се чувствува заради тоа, Исаиловски рече:
„Да се претставува татковината е голема чест и голема одговорност. Јас во тоа влегов без страв. Инспирацијата дојде сама по себе. Беше зима, шест-седум месеци откако дојдовме тука, а ние уметниците би рекле, како во зима да најдеш инспирација?. Ама, ете, дојде. Потоа се` беше полесно.“
А тоа „полесно“ е продукција со која Исаиловски се претставуваше на изложби пред американската и канадската публика. Се` до оваа, последната.
„Ова е, што би рекле овде, изложба на збогување. Сосема случајно, и сосема намерно, се случи таа да биде на оваа конференција во Торонто, каде за сите четири години не се најде термин да ја направам. Но, затоа излагав во Вашингтон, во Отава три – четири, во Бафало, Њујорк“, кажа Исаиловски.
Уметноста е природен кохезивен материјал меѓу луѓето. Не познава граници, ниту националности. Го донела Исаиловски во контакт со многу луѓе. Токму тоа го издвојува за најважно од изминативе четири години:
„Најважни се контактите со луѓето. Во дипломатскиот свет во кој се движеш најважно е да ја раскажеш приказната за Македонија, Се надевам, судејќи според реакциите на луѓето, дека приказната е раскажана.“
Оттука други ќе ја преземат и ќе ја раскажуваат понатаму.
Како што неговите слики ќе ја раскажуваат канадско-американската приказна таму, во Македонија.