СКОПЈЕ – Неправилности на гласањето за претседателски и парламентарни избори одржано на 8 мај имало на седум избирачки места, по едно во Желино, Охрид и Струга и по две во Крушево и Долнени, утврди Државната изборна комисија (ДИК). Приговорите за избирачки места во Битола, Ресен, Гостивар, Долнени, Струга, Кичево, Демир Хисар, Чаир, Гази Баба, се одбиени или повлечени.
Несовпаѓање на бројот на гласачи потпишани во списокот и бројот на ливчиња во кутијата, неправилно пополнет записник, несовпаѓање на бројките од записникот и уредот за биометриска идентификација – ова се дел од причините за прифаќање на приговорите и поништување на гласањето во наведените избирачки места.
„Државната изборна комисија ги усвои следните приговори: Желино, ИМ 2101 поднесен од Коалицијата“ Вреди“, Охрид, ИМ 1272 поднесен од Коалицијата „Твоја Македонија“, Крушево ИМ 1194 и ИМ1202 поднесен од Коалицијата „Твоја Македонија“, Струга ИМ 1844 поднесен од Коалицијата „Твоја Македонија“ и Коалицијата „За Европска иднина“, Долнени ИМ 1470 и ИМ 1470/1 поднесен од Коалицијата „Твоја Македонија““, соопштија од ДИК.
Според официјалните податоци вкупниот број на запишани гласачи на овие избирачки места е 3521 избирачи што може да влијае на бројот на пратеници но сепак од ДИК велат дека сега течат законските рокови за жалби и потоа ќе одлучат дали ќе има прегласување.
„Секоја заинтересирана страна има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесена тужба. По одлуката на Управниот суд, ДИК ќе излезе со конечен извештај за резултатите, односно доколку има избирачки места каде што ќе се поништи гласањето, дополнително ќе се направи симулација дали бројот на запишани гласачи во избирачките места каде што би се поништило гласањето, влијае на резултатот во распределба на мандатите. Во зависност од тоа ДИК по одлуките на Управниот суд, ќе донесе заклучок за евентуално прегласување на определени избирачки места“, појаснуваат од ДИК.
Политичките партии со реакции по одлуката на ДИК за поднесени приговори, за едни е потврда за нерегуларности за други е политички инженеринг за да се добијат мандати бидејќи доколку има прегласување можно е да се случи промена на бројот на освоени мандати Изборните единици 5 и 6 а тоа ќе влијае секако и на борбата за „превласт“ во составот на ДИК бидејќи партиите кои ќе бидат во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на ДИК, а партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови.