СКОПЈЕ – Следната среда, на 22 мај, ќе има прегласување на седум избирачки места во петата и шестата изборна единица, одлучи Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница/ Одлуката за прегласување доаѓа откако Управниот суд вчера ги отфрли тужбите на Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ кои ги оспорија сите седум одлуки на ДИК за поништување на гласањето на изборните места поради нерегуларности. Со прегласувањето сега „висат“ два мандати на Коалицијата „Европски фронт“ еден во петката кој му припадна на четвртиот носител на листата Исмаил Јахоски и кој може да го добие СДСМ и еден во шестката кој го доби Фатмире Исаки која беше на деветтото место и мандат кој би припаднал би припаднал на Коалицијата „Вреди“.
Следната среда во петата изборна единица ќе се прегласува гласа на две изборни места во Крушево ИМ 1194 и ИМ 1202, две во Долнени – ИМ 1470 и ИМ 1470/1, избирачкото место 1844 во Струга и избирачкото место 1272 во Охрид каде право на глас имаат вкупно 3.521 гласач. Разликата меѓу СДСМ и ДУИ на овие шест избирачки места е 8 гласа.
Во шестата изборна единица ќе се гласа на избирачкото место 2101 во Желино каде право на глас имаат 992 гласачи а на изборите на 8 мај убедливо победила коалицијата „Вреди“.
На седницата на ДИК на која беа разрешени избирачките одбори на местата каде ќе се прегласува не беше присутна потпретседателката Дитмире Шеху која имаше издвоено мислење на одлуките за поништување на изборите на овие гласачки места.
Истовремено во седиштето во Мала Речица почна и вонредниот состанок на централното претседателство на ДУИ. Свикан поради одлуката на ДИК за прегласување.
„Оваа ситуација не доведе до состојба да повикаме ургентен состанок на претседателството, по кој ќе следат и средби со експерти, за оваа неправда која е направена на Фронтот. Овој момент доаѓа по анализа на одлуките на ВМРО и СДСМ за повторување на изборите на овие изборни места, со цел да се спојат за Европскиот фронт да не биде втора сила во земјата. Ова е направено од двете најголеми партии од македонска националност, кои за жал политики се плашиме дека ќе имаат влијание и на меѓу етничките односи кои ние не ги посакуваме“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.
Управниот суд вчера, во маратонска целодневна работа одржи седум јавни расправи по тужбите на Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ за поништените гласања на седумте избирачки места. На секоја од нив беа отворени кесите со избирачкиот материјал – гласачките ливчиња и избирачките списоци кои рачно едно по едно беа пребројани пред судскиот совет. Во повеќето случаи беше утврдено дека има едно гласачко ливче повеќе од бројот на потписи во избирачкиот список односно гласачки кои го оствариле своето право на глас.