Линкови за пристапност

Како функционираат дигиталните номади


Зависат од технологијата, не многу голем простор, но добар интернет, за да останат поврзани и продуктивни

Бренд-стратегот Фил Пален патува од град до град, за да се сретне со клиенти, поединци и компании кои сакаат да го обликуваат својот имиџ преку традиционалните и социјалните медиуми.

„Пред неколку недели“, вели овој публицист од Лос Анџелес, „како да го обиколив светот. Бев во Европа, Блискиот Исток, Азија и назад во Лос Анџелес“. Неодамна во Австралија, тој и` помогнал на компанија за гурмански производи, својот бизнис да го развие продавајќи ја храната во мал камион.

Пален нема фиксна канцеларија и работи од заедничките работни простори на компанијата „Ние работиме“ (WeWork), којашто постои на 200 локации, во 50 градови низ светот. Други претприемачи отвориле слични простории, што е вообичаена појава за Силиконската долина во Калифорнија.

Чарлс Ду, менаџер за софтверски производи од Калифорнија, кој за Гласот на Америка зборуваше преку „Скајп“, патува низ светот како дигитален номад, пренесувајќи го своето искуство за начинот на живот. Тој вели дека повеќето од неговите колеги се технички лица, но не сите.

„Сретнав и менаџери по сметководство кои соработуваат со клиенти на други локации, потоа луѓе од маркетинг, како и од медицински центар, обичени да предаваат на универзитети, и тоа го прават преку интернет“, вели Ду.

Тејлор Петерсон, директорка за односи со јавноста во „Ние работиме“, вели дека меѓу клиентите се и луѓе кои можеби имаат база во Лос Анџелес, но често патуваат во Лондон, каде имаат деловен простор со бесплатен интернет и други удобности.

Актерката и продуцентка Фани Велиз е уште еден пример. Работи за компанијата Avenida Productions, што финансира и произведува филмови преку веб-страници со извори на информации како Indiegogo.

Велиз помага во почетниот развој на проектите и вели дека нејзината компанија се фокусира на разновидноста, создавајќи можности за луѓе од различна расна припадност и други недоволно застапени групи во овој бизнис. Работи каде има потреба, поставувајќи продавници низ делови на Лос Анџелес и други градови во САД, како и во Мексико.

„Дали е Лос Анџелес или Њујорк, границите исчезнуваат“, вели Џон Маеда, експерт за технологија и бизнис. „Способноста за работа од далечина, го менува нивото на нечија креативност“.

Се` попопуларните центри за дигитални номади вклучуваат и туристички центри како „Убуд“ (Ubud) на индонезискиот остров Бали и „Чианг Маи“ (Chiang Mai) во северен Тајланд, вели Чарлс Ду, кој работел и на двете локации.

Според него, предизвиците вклучуваат наоѓање сместување, пријатели и нов заеднички работен простор, но сето ова, со интернет, станува полесно.

Бренд-стратегот Пален вели дека работејќи од различни места, може да види како другите живеат ширум светот, нешто што го секојдневно го инспирира.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG