Линкови за пристапност

Медицинска направа што исчезнува во телото


Биокомпатибилна електроника е мала направа всадена во телото што се раствора во ткивото откако ќе ја заврши работата за која е поставена.

За разлика од конвенционалните медицински направи, како срцевиот залисток или вештачкиот колк, дизајнирани да траат вечно, „биокомпатибилните“ или привремени електронски направи се направени од мали, силиконски чипови. Чиповите содржат магнезиумски електроди кои комплетно се растопуваат кога ќе ја завршат својата функција. Изработени се од тим научници на Универзитетот Илиноис, Универзитетот Нортвестерн, исто така од Илиноис и Универзитетот Тафтс од Масачусетс.

Со проектот раководел Џон Роџерс, професор по инженеринг на Универзитетот на Илиноис. Роџерс смета дека на новата направа и` претстои голема иднина со оглед на фактот што комбинира микрочипови со таканаречени нано-мембрани што бавно се топат штом ќе бидат изложени на вода или биолошки течности.

„Една од намените може да е и вградување во резот по оперативен зафат, за да обезбеди термална терапија што би елиминирала бактерии што во спротивно би причиниле инфекција“, вели Роџерс.

Тој додава дека чипот, што може да се контролира со далечински управувач е обвиткан со свила, направена од свилена бубачка. Научниците велат дека можат да ја менуваат структурата на свилата или да го усогласат времетраењето на силиконските чипови, од минути, до неколку дена, дури и подолго од тоа.

Роџерс и неговите колеги вршеле експерименти со вградување на оваа направа кај глувци, обезбедувајќи топлина две недели, доволно долго да спречи инфекција и заздравувањето да почне.Резултатите биле ветувачки.

Биодеградирачката технологија можно е еден ден да има различни примени. Написот на Џон Роџерс и неговиот тим научници е обајвен во журналот Наука.
XS
SM
MD
LG