Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус, денес изјави дека детска парализа е откриена во Газа и предупреди дека децата во енклавата, зафатени во војната, наскоро ќе бидат заразени од оваа болест доколку брзо не се преземат превентивни мерки.
Еден ден откако СЗО соопшти дека има „многу веројатни“ случаи на детска парализа кај населението во Газа, генералниот директор Гебрејесус се огласи на платформата на социјалните мрежи Икс за да ја истакне загриженоста за човечките трошоци од конфликтот меѓу Израел и Хамас.
„Откривањето на детска парализа во Газа е уште еден потсетник за ужасните услови со кои се соочува населението“, напиша Тедрос на Икс.
Тој ја поврза својата објава со написот што го напиша во француски весник објавен доцна во вторникот, во кој рече дека детската парализа е откриена во примероците од отпадните води во Газа.
Во написот, шефот на СЗО вели дека иако сè уште не се регистрирани случаи на детска парализа, „доколку не се преземе итна акција, само прашање на време е кога болеста ќе стигне до илјадниците незаштитени деца“ таму.
Вирусот, кој се шири главно преку фекалии, е високо инфективен и може да го нападне нервниот систем и да предизвика парализа и смрт кај малите деца.
Случаите на детска парализа се намалени за 99% во светот од 1988 година, благодарение на масовните кампањи за вакцинација и напорите за негово искоренување.
СЗО испраќа повеќе од еден милион вакцини против детска парализа во Газа кои треба да се администрираат во наредните недели за да се спречат децата да се заразат со оваа болест, рече Тедрос.