Линкови за пристапност

Пет можни реакции на ситуацијата во Сирија


Пет варијанти: генералот Мартин Демпси
Пет варијанти: генералот Мартин Демпси

Началникот на Американскиот здружен генералштаб во писмо до Конгресот предлага од обука на опозиционите сили до уништување на хемискиот арсенал.

Главното американско лице во униформа изложи пет можности за употреба на американска сила во Сирија, но предупреди на трошоците и евентуалните последици од директната вклученост во кризата во земјата.

Можностите, што началникот на Американскиот здружен генералштаб, генералот Мартин Демпси, ги изложи во вчера објавеното писмо до Конгресот, одат од обука на опозиционите сили до уништување на сирискиот арсенал на хемиско оружје.

Демпси наведува дека интервенцијата најверојатно би и` помогнала на опозицијата и би го зголемила притисокот врз владата на претседателот Башар ал-Асад. Па сепак, тој додава дека би можело да дојде до ненамерни ефекти, како охрабрување на екстремистите и „активирање на истото хемиско оружје што се обидуваме да го ставиме под контрола“.

Официјален Вашингтон досега нема соопштено дека планира да употреби директна сила, ограничувајќи го своето учество во Сирија на хуманитарна помош, несмртоносни средства и планови да достави оружје до бунтовниците.

Една од можностите што ги предлага Демпси е зона на забрането летање над Сирија, но истовремено укажува дека би биле потребни стотици авиони, што би чинело до милијарда долари месечно. Тој наведува и дека ефектот би можел да биде ограничен, бидејќи сириските сили би можеле да продолжат да напаѓаат со артилерија и проектили.

Началникот говори и за воспоставување на тампон-зони, најверојатно во соседните Турција и Јордан, што би се употребувале за проток на хуманитарна помош и како полигон за обучување на опозиционите сили. Демпси вели дека за оваа варијанта, како заштита, би била потребна зона на забрането летање, како и американски копнени сили што би броеле илјадници војници, а што би чинело преку една милијарда долари месечно.

Меѓу изложените можности е и вршење на воздушни напади за да се намали моќта на сириската армија, за што генералот вели дека се потребни стотици американски борбени авиони и бродови, што, пак, би чинело милијарди долари.

Тој истакнува дека доколку САД извршат армиска операција, би требало да бидат подготвени за тоа што би следело, коментирајќи дека „е тешко да се избегне подлабоко вмешување“.

Писмото на Демпси уследи по неговото сведочење во Сенатот минатата недела, во кое оцени дека ситуацијата во Сирија навидум натежнала во корист на Асад.
XS
SM
MD
LG