Линкови за пристапност

Демонстранти ја нападнаа зградата на владата на Албанија со молотови коктели


Илјадници луѓе се собраа пред седиштето на владата во главниот град Тирана додека полицајците беа повикани да ја забарикадираат  канцеларијата на премиерот Еди Рама
Илјадници луѓе се собраа пред седиштето на владата во главниот град Тирана додека полицајците беа повикани да ја забарикадираат  канцеларијата на премиерот Еди Рама

Опозициските демонстранти ја нападнаа зградата на владата на Албанија со молотови коктели и камења доцна вечерва, обвинувајќи ги државните функционери за вмешаност во организиран криминал и корупција, откако нивниот лидер беше ставен во домашен притвор.

Илјадници луѓе се собраа пред седиштето на владата во главниот град Тирана додека полицајците беа повикани да ја забарикадираат канцеларијата на премиерот Еди Рама.

Нема информации за повредени, сериозни штети или апсења.

Главната опозициска Демократска партија го обвинува Рама за непотизам и корупција, кои, според неа, поттикнуваат многу млади луѓе да емигрираат за подобар живот во западна Европа.

Демонстрантите го избраа вторникот за митингот во знак на сеќавање на 20 февруари 1991 година, кога продемократските демонстранти ја урнаа статуата на долгогодишниот албански комунистички диктатор Енвер Хоџа.

„Денес сме тука да го урнеме режимот на Рама, кој е полош од режимот на Енвер Хоџа“, рече демонстрант, кој патувал преку 100 километри за да присуствува на протестот во Тирана.

Опозицискиот лидер Сали Бериша им се обрати на демонстрантите преку видеоврска од домашен притвор.

Тој е под истрага за наводна корупција додека бил премиер помеѓу 2005 и 2013 година.

Бериша негираше дека сторил нешто лошо, обвинувајќи го Рама за политичка одмазда со цел да ги замолчи противниците.

Рама тоа го негира.

Обвинителите допрва треба да одлучат дали ќе поднесат формални обвиненија против Бериша или ќе ги отфрлат.

„Еди Рама, слично на другиот диктатор (Хоџа), ги концентрираше сите сили во свои раце и сака Албанија без опозиција“, им рече Бериша на демонстрантите.

XS
SM
MD
LG